Вооружената престрелка која се случи во мај 2015 година се уште не може да ја дочека својата правна завршница. Цели шест години трае правната постапка за настаните од Куманово, кои од дел од стручната јавност беа насловени и како вистински терористички напад.
Денеска, покрај тоа што судското рочиште за овој добропознат предмет предизвика сообраќаен хаос и затворени сообраќајници низ главниот град, медиумските кулоари беа бранувани и од барањето на одбраната на осудените за нивно целосно ослободување и враќање на судскиот процес во прв степен. Адвокатите на одбраната зборуваа за огромни пропусти во постапката пред првостепениот суд, односно дека Основниот кривичен суд Скопје не го уважил правниот принцип на еднаквост на оружјата на страните – велат одбраната немала можност да предложи докази и да сослуша сведоци.
Од друга страна, обвинителството кое ја застапува државата во постапката пред Врховниот суд како највисок суд, стои на ставовите дека во првостепената и второстепената постапка повреди на процесното право немало. Обвинителството на денешната јавна седница побара од врховните судии да ја одбијат вложената ревизија и да ги потврдат доживотните казни затвор за седуммината осудени лица и за останатите сторители осудени на 40 години затворска казна.
Овој судски случај континурано ја интригира јавноста, а особено по изјавите од страна на одредени политичари за поседување конкретни информации околу настаните кои знаеа да дадат и друго светло на случувањата. Експонираните судења од овој предмет беа и под мониторинг на релевантните меѓународни институции, а останува да се види во претстојниот период каква судска одлука ќе донесе судот кој е на врвот на хиерархијата на судската власт кај нас.
Иван Дургутов







