Четврти случај на делта сој на коронавирус е потврден во државава. Пациентот е со лесна клиничка слика и се лекува во болницата во Велес. Според здравствените власти, засега не се планираат мерки во однос на штитењето на границите од делта сојот, но деновиве, најдоцна до почетокот на следната недела ќе го имаат конечниот став. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје регистрирани се 16 нови случаи со Ковид-19 од 2.873 тестирања. MЗ повикува граѓаните помасовно да се вакцинираат бидејќи сите вакцини се безбедни и тоа е единствен начин да се заштитиме.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во врска со предложената резолуција на опозоциската партија ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата, денеска изјави дека неговата партија ДУИ е на ставот дека овој процес треба да се почне од нула, да седнат политичките партии консензуално, а не да биде наметната од една парија.
МОН информира дека право на користење на финансиската поддршка за субвенциониран студентски оброк во месечен износ од 2.400 денари ќе имаат сите редовни студенти на додипломски студии на државните и на приватните високообразовни установи. Оваа финансиска поддршка ќе почне од октомври годинава. За да ги добијат средствата, студентите покрај тоа што треба да се државјани на Република Северна Македонија, не треба да се во редовен работен однос; да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска престојува во еднодневна работна посета на Летонија, заедно со министрите за одбрана на Словенија, Матеј Тонин и на Црна Гора, Оливера Ињац. Како што соопшти Министерството за одбрана, заедничката посета на тројца министри за одбрана испраќа моќна порака на силно регионално сојузништво, доверба и планови за уште поинтензивна соработка.
Министерката Шахпаска се обрати на Меѓународната Колиција за еднакви права: Градиме општество без предрасуди, општество кое ќе интегрира, а нема да дискриминира. „Убавината на мозаикот ја прават различностите. Градиме општество кое се темели на еднаквост слобода и правда. Нашата цел е секој да се чувствува слободно во избор на својата ориентација, професија, остварување на својата визија. Општество кое ќе интегрира, а нема да дискриминира. Градиме општество без предрасуди. Општество во кое секој граѓанин ќе го прави својот избор“, порача министерката Шахпаска.
М. Миткоска







