Министерот Благој Бочварски при денешната работна посета во Тетово истакна дека со 70 милиони евра директна помош за општините се реализираат најкрупниот и најзначајниот проект за реконструкција на локалните патишта и улици во сите општини во државата. Овој проект што го реализираме преку Министерството за транспорт и врски е пример за одличната соработка меѓу локалната и централната власт, рече Бочварски
Тој заедно со градоначалничката на општина Тетово, Теура Арифи, заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, извршија увид во реконструкција на улицата Гоце Делчев во стариот дел на градот.
„Во првиот повик општината патиципираше со две улици и тоа реконструкција на улицата „Гоце Делчев” со должина од 732 метри и вредност од 15.7 милиони денари како реконструкција на дел од улицата „Гоце Стојчевски” во вредност од 6 милиони денари. Денеска сме на увид на реконструкцијата на оваа улица Гоце Делчев, многу значајна за граѓаните на Тетово, која практично беше и нивно барање”, изјави министерот Бочварски.