Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека голем удел во бројот на новозаразени периодов се патниците кои доаѓаат од странство, а дали тие се носители на Делта-варијантата се утврдува дополнително. Најдобра заштита против коронавирусот и сите досега појавени мутации се вакцините, апелира министерот.
Директорите на Поштите на Србија и Северна Македонија, Зоран Ѓорѓевиќ и Јани Макрадули денеска во Белград потпишаа Протокол за деловна соработка, во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“. Макрадули изјави дека потпишувањето на Протоколот за соработка е почеток на практичната имплементација на иницијативата „Отворен Балкан“, што во Скопје ја најавија лидерите на Србија, Северна Македонија и Албанија.
По избувнувањето на повеќе пожари низ источниот и југоисточниот дел на државата, Дирекцијата за Заштита и Спасување одржи итен состанок со цел мобилизација на тимовите за заштита и спасување од пожари како и вработените на ДЗС и ПОЗС. Од Директорот Беким Максути дадена е наредба за мобилизација на тимовите за пожари, Валандово, Виница, Берово, Битола, Гостивар, Куманово и Скопскиот тим Карпош. Предложено да се вклучат и доброволните противпожарни друштва.
Централна свеченост по повод честувањето на Илинден во Крушево. Свеченоста започна со полагање свежо цвеќе од претседателот Стево Пендаровски и бројни делегации пред споменикот на Мечкин Камен и културно-уметничка програма на која настап имаат Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“, Ансамблот на албански народни ора и песни, Влатко Стефановски и настап на воениот оркестар на Армијата и пригодна реч на Никола Ристановски со пораки за Илинден.
Поради зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу еден час. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат од АМСМ.
М. Миткоска