Министерот за здравство Венко Филипче денеска на вонредно обраќање до јавноста рече дека поднесува оставка од функцијата поради морална одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово.
„Последната трагедија во Тетово многу ме погоди, многу жалам за загинатите. Сочувствувам со нивните семејства. Нема зборови што тоа можат да го опишат, ниту пак начин да се надомести загубата. Почитувани, како лекар и министер имам интегритет и затоа денес, од морални причини, понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“ – изјави Филипче.
Тој додаде дека трагедијата што се случи во Тетово многу го погоди, жали за загинатите, сочувствува со семејствата.
„Нема зборови што тоа може да го опишат, ниту начин да се надомести загубата“ – рече Филипче.
Тој се заблагодари на сите кои веруваа во него и го поддржуваа во неговата работа, како и во одговорните задачи и предизвиците со кои се соочувал.
„На крај, посебно сакам да се заблагодарам на медиумите и претставниците на медиумите за нивната транспарентност, посветеност и поддршката што ја добивав во најтешките моменти во борба со пандемијата“ – кажа Филипче.
Покрај министерот за здравство Венко Филипче, оставка денеска поднесоа и заменик-министерот Илир Хасани, како и директорот на Тетовската болница Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми.
Бесими на својот Фејсбук профил напиша дека по ваков трагичен и немил настан, ваквата одлука е неизбежна.
„Со неисцрпна болка за секоја жртва и секој член на семејството, ве известувам дека поради моралната одговорност што ја чувствувам, поднесувам оставка од функцијата директор на Клиничката болница во Тетово. По ваквиот трагичен и немил настан, оваа одлука е неизбежна. Во исто време, се надевам дека целосната истрага ќе заврши што е можно поскоро и ќе се разјаснат причините за пожарот во модуларниот центар на Тетовската клиника за пациенти со Ковид-19“ – напиша Бесими.
И економскиот директор Артан Етеми соопшти дека поднесува оставка од морални причини.
„Чувствувајќи ја длабоката болка од трагедијата што се случи во модуларниот центар во Тетово, каде што бев и лично присутен, од тажните слики што ги доживеав извлекувајќи ги со свои раце телата на жртвите, во својство на економски директор ја давам мојата оставка од оваа позиција од морален чин. Јас верувам на принципот дека истражните тела и меѓународно ангажираните експерти ќе ја откријат вистинската причина за тоа како настана трагедијата што се случи во модуларниот центар и која ги скрши нашите срца. Ја споделувам болката со роднините на жртвите“ – напиша Етеми.
Ковид-центарот во Тетово целосно изгоре за три минути на 8 септември вечерта, при што загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти и двајца роднини.
Инаку, од Обвинителството соопштија дека се преземени мерки за обезбедување на видеоснимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби. Се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.
Од Владатта соопштија дека во истрагата околу пожарот во ковид центарот во Тетово ќе помогнат и германски експерти од Федералната криминалистика кои ќе пристигнат деновиве во нашата земја.
Д. Е.