Нема поголемо лицемерие од тоа партија чиј почесен лидер е избеган криминалец да зборува за криминал, велат од СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ е една од најкриминалните партии во Европа за чии функционери и имот се водат повеќе постапки, а сите политички постапки им се само за спас на криминалците во своите редови.
Од Софија не е пристигнат никаков документ, бидејќи со месеци наназад не се водат никакви преговори за надминување на прашањето со Бугарија, соопшти вчера Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски во врска со т.н. нон-пејпер за решавање на спорот меѓу двете земји, што вчера циркулираше во одредени медиуми. За Владата на Северна Македонија, пак, официјален е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со Европската Унија.
Премиерот Зоран Заев денеска во Тирана ќе присуствува на средбата на германската канцеларка Ангела Меркел со лидерите на земјите од Западен Балкан. Заев ќе ја предводи владината делегација во чиј состав се и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Продолжува истрагата на надлежните институции за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица, а од Владата очекуваат брза истрага. Од експертскиот форензички извештај од истрагатa ќе зависи и одлуката за понудената оставка на министерот за здравство Венко Филипче.
Заклучно со вчера до 20 часот попишани се 512.457 лица, 158.519 домаќинства и 212.464 станови. Масовниот одѕив покажува за свесноста и одговорноста на секој од нас да придонесе за собирањето податоци, важни за креирање на заедничката иднина.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во 2021 година се одвива со посакуваниот интензитет, нормално без никакви застои и без никакви проблеми. Одбивањата се незначителни и се уште не применуваме никакви санкции, туку најпрво се разговара и се надеваме дека ќе успееме овие луѓе да ги убедиме да се попишат, изјави денеска директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
М. М.