Уште една одлична игра и победа за нашата Лина Ѓорческа во Висбаден, Германија, на силниот тениски турнир со награден фонд од 80 илјади долари (категорија W80). Последна жртва беше Италијанката Федерика Ди Сара, 210-та на ВТА листата и осма носителка на овој турнир.
Ѓорческа играше одлично. Првиот сет го победи со 6-1 за само 29 минути игра. Во вториот сет при водство од 2-0 за нашата Ѓорческа, италијанската тенисерка го предаде мечот.
Со денешната победа и со освоените 47 нови поени, од кои 42 на главниот турнир и 5 од квалификациите, Ѓорческа ќе направи голем скок на ВТА листата.
Пет меча и пет победи за Лина досега на турнирот во Висбаден. Со само еден изгубен сет. Најверојатен противник во полуфиналето ќе ѝ биде Французинката Клара Бурел, којашто моментално е 85-та на листата на најдобри тенисерки во светот. Бурел е прва носителка на овој турнир. Оваа година има многу трофеи, а настапи и на главниот турнир на УС-Опен.
А. Лукароски