пишува: РИБАРО
Кандидатката за градоначалник на вмровците, Данела Арсовска, во предизборната програма претставена на денешната прес-конференција ветува бесплатен јавен превоз за сите скопјани. Но, тоа не е сè!
Вмровски извори за АХА, велат дека во програмата што ја доставила Арсовска се ветува и по едно Ауди Е-трон, за секој полнолетен скопјанец што не преферира да се вози со јавен превоз. Се работи за најновата варијанта на Ауди на електричен погон од 2021 година, која ако победи Арсовска ќе ја возат сите скопјани без да загадуваат околина.
Како што нагласуваат изворите на АХА, ова не е објавено зашто не се финализирани до крај договорите со германскиот производител на премиум возила, посебно што Арсовска инсистирала бојата на сите автомобили да е унифицирана.
Арсовска објаснила дека се чекаат резултатите од Пописот, за да се утврди точната бројка на возила за скопјани, па тогаш ќе се објави оваа извонредна вест.
Арсовска покрај бесплатното Ауди, ветила и бесплатен мир во светот за сите скопјани, а во преговори се и за „Милка чоколадна куќа од 200 м2“, за секое скопско семејство со повеќе од три деца.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK