Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје Арсовска денес објави дека би вовела бесплатен јавен превоз во Скопје за сите скопјани, ако стане градоначалничка. Ваквото тврдење и ветување, доколку не е само манипулативен предизборен маркетинг, ќе значи банкрот за Град Скопје. Експерти кои се упатени во проблематиката со јавниот превоз, недвојбено укажуваат дека воведувањето на бесплатниот јавен превоз или комплетно ќе го блокира јавниот превоз или ќе го банкротира градот Скопје.
Сериозно се поставува прашањето како Данела Аросвска, која се претставува како „врвен менаџер“ може да изнесе вакво ветување, без притоа да има одговорност за истото и како тоа би се рефлектирало врз целокупното функционирање и солвентност на градот?
За да се воведе функционален јавен превоз треба најмалку двојно, или тројно да се зголемат бројот на автобуси, вработени, и месечни трошоци. Имено, ако не се зголемат постојните капацитети, автобусите би биле преполни, би се полнеле уште на првите станици и бесплатниот јавен превоз би бил сосема нефункционален.
Ако се пресмета цената на чинење на новите автобуси кои мора да се набават (автобуската флота треба барем двојно да се зголеми), и на тоа се додадат двојно поголемите месечни трошоци за гориво, плати, и одржување, а се намалат приходите од продажба на билети, тогаш се добива пресметка дека бесплатниот превоз само за една година би чинел околу 100 милиони евра. Од каде и како ќе се обезбедат сите тие средства?
Според пресметките на ЈСП Скопје, во 2019 година месечните вкупни трошоци за јавниот превоз изнесувале околу 2.3 милиони евра, а вкупните годишни трошоци изнесувале над 27 милиони евра. Петре Шилегов денес пак имаше прес конференција за пакет социјлани мерки каде вети бесплатен превоз за постдипломците и докторандите, за сите пензионери секој ден и за лицата со попреченост и нивните асистенти. Тој одговарајќи на прашање како го оценува ветувањето на Арсовска за целосно бесплатен превоз, рече дека е изненаден од непознавањето на Арсовска за финансиите на градот и приходите кој тој ги генерира од јавниот транспорт. Шилегов оцени дека неговата противкандидатка паушално ветува нешта кои се неизводливи.
Д. Е.