Во овие четири години направивме поместување и развој на нашиот град, порача претседателот на Комисијата за транспорт на СДСМ, Благој Бочварски на партиската трибина во Штип. Тој кажа дека Социјалдемократскиот сојуз покажал како треба да се работи за граѓаните и како од режим се носи до слобода, а од 2см. асфалт се прават капитални проекти за градот.
-Во целиот период претседателот Зоран Заев даваше максимална поддршка за сите проекти за Штип. Осумте години на локална власт на ВМРО-ДПМНЕ тие ветуваа затворен базен, но не изградија, ветуваа стадион, но не го изградија, ветија пет платформи над Отиња, но ниту една не изградија. Сепак, направија триаголно игралиште за баскет, веројатно единствено во Европа, кажа Бочварски.
Тој додаде дека политичките опоненти ветувале водоводно приклучување на населбите Балканска и Чардаклија, но тоа не го направиле, а сега е факт.
-Ветија и улично осветлување на влезовите во градот, но ни тоа не го направија, потсети Бочварски.
ВМРО-ДПМНЕ дури и се плашеше да ја спомене браната Отиња, а таа денес се гради
Сите патишта околу Штип се градат или се веќе изградени, кажа претседателот на Комисијата за транспорт на СДСМ, Благој Бочварски на партиската трибина во градот. Тој додаде дека со Радовиш во втора фаза е изградбата на експресниот пат, исто така кон Кочани, а патот кон Пробиштип е готов, вклучително и обиколницата на градот.
-Изградивме и детска градинка, нов мост на река Бреганица, кружен тек кај Алумина со нова улица, во финална фаза е затворениот базен, направивме две паркинг платформи, а се гради и стадионот во Штип, рече Бочварски, додавајќи дека реконструирани се сите училишта, градинки и спортски сали во градот.
Тој кажа дека благодарение на локалната самоуправа фудбалскиот клуб Брегалница игра во првата лига и победува во таа лига, затоа што го нашле вистинскиот начин за менаџирање заедно со приватен инвеститор.