Претседателот на Владата Зоран Заев прими плакета и признание од Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ во знак на благодарност за неговата лична посветеност во поддршката на нејзините активности за афирмација на животот и делото на Блаже Конески и за реализацијата на Националната програма за одбележување 100 години од раѓањето на Конески. Признанието и изданијата на Фондацијата „Небрегово“ предвидени со програмата, на премиерот Заев му ги врачи Атанас Конески, секретар на Фондацијата.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев на средбата истакна дека Владата заедно со Министерството за култура останува целосно посветена на реализацијата на севкупната програма за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.
![]()
Тој истакна дека Конески со своето дело ги задолжи сите генерации да го чествуваат неговиот придонес за македонскиот јазик, неговото останато научно дело, неговата поезија, неговата културна и национална мисија, кои ги претставуваат највисоките и највозвишените богатства на македонскиот и на другите народи во земјата.
– Научното и литературното дело што Конески го остави зад себе засекогаш ќе ги исполнува со љубов и љубопитство, со постојан интерес за истражување на сегашните и идните поколенија научници, поети и, најважно од сѐ, вљубениците во вистината и литературата, додаде претседателот на Владата.
Меѓу изданијата што му беа врачени на Заев, како што информира владината прес-служба, централно место имаат: „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, што е всушност реиздание на истоименото дело на академик Конески објавено во 1948 година, потоа репринтот на публикацијата „Граматичарот Конески“ по повод 65-годишнината од првото издание на Граматиката на академик Конески, како и книгите „Конески инспирира и мотивира“, и „Македонската литература и македонскиот литературен јазик“.




