РИБАРО
На прес-конференција, Славјанка Петровска изнесе документи од кои се гледа дека Данела Арсовска има бугарско државјанство, издадено и заверено од бугарскиот вицепретседател во 2011 година.
После оваа објава Мицко, како што тврдат за АХА изворите од белата палата на вмровците, бесен и во очај веднаш телефонски ја контактирал Арсовска за да ја праша дали има бугарски пасош.
„Како ли само добро ми подвали шефот од Будимпешта со оваа Арсовска, просто не ми се верува. А бе, Заев да ми бираше кандидат, подобар ќе ми одбереше. Не срозија скроз, парам-парче не направија. Те со Расадник и фирмите, те со бугарскиов пасош, што ли уште не. Башка еден асолен демант Данела не знае да даде. Ние од партија се брукаме, велиме нема бугарски пасош, таа мумла. Ја прашува оној од ЗНМ на ТВ 24, ѝ вели фино-лепо еве ти простор да кажеш дали имаш бугарски пасош, оваа наместо да речи: НЕМАМ БУГАРСКИ ПАСОШ!, вели тоа било црна кампања, небулози. Барај ја на телефон да се разбериме“, и наредил Мицкоски на секретарката.
Мицко: Ало Данелче бе, што правиме со пасошов? Кој ти го кажа овој збор „небулози“, нели можеше изрично да пресечeш: немам бугарски пасош“, па нека се сликаат овие нека докажуваат? Вака што направи, сама си пукаш во нога. Нè резилат на социјални мрежи, лом нè сторија.
Данела: Наум ми рече да го кажувам тоа.
Мицко: Недугавиот ли?! Данела, небулози значи нешто нејасно, магливо и се употребува во друг контекст, а не кога треба конкретно да се демантира нешто. Со тоа само поголема магла правиш. Кажи ми те молам со еден збор – Имаш ли бугарски пасош, или немаш?
Данела: Тоа се небулози и црна кампања, ви велам, овие од Шилегов само ме напаѓаат, изнесуваат лични работи на кои не им е местото во јавноста.
Мицко: А, како ти е вистинското име оти навистина се среќава дека некаде си Данела а на други места Даниела?
Данела: Ви велам целата оваа кампања е за мое оцрнување, со лични дисквалификации и тоа не престануваат да ме прогонуваат новинари, политичари…
Мицко: Како се викаш, те прашувам?
– Шефе, се извинувам, ми јавуваат дека комуњариве ја покажале и бугарската лична карта на Арсовска, со датум, со фотка, со адреса во Петрич, со сè, го прекинала секретарката Мицкоски, кој останал подзинат.
Мицко: Данела, сега со личнава карта што правиме бе девојко?!
Тут-тут-тут-тут…
– Телефонската линија се прекина шефе, вели, ве молиме бирајте повторно.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK