Скопје во кое што живеам сакам да продолжи да живее, Шилегов вети дека депонијата Дрисла веќе нема да ги труе скопјани. Денарот останува стабилен, а инфлацијата умерена. Мицкоски и Арсовска вознемирено разговараат околу бугарската лична карта. ВМРО-ДПМНЕ повторно застанува на страната на криминалот саботирајќи тајни полициски акции. Вкупно се аплицирани 1.604.833 дози вакцини, а ревакцинирани 46% од полнолетните граѓани во државата
ПОЛИТИКА, ЕКОНОМИЈА И ИЗБОРИ
На денешната прес конференција Славјанка Петровска ја објави личната карта на Данела Арсовска издадена од бугарските власти. Арсовска може да се крие зад партиски соопштенија а при тоа да тврди дека е независна, но од вистината бегање нема, нагласи Петровска.
Бугарка вербално линчувана во Скопје е насловот во софиски „Труд“, во текст посветен на случајот со кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, а за која СДСМ објави документи кои, според владејачката партија, се доказ дека таа има бугарско државјанство. Ако Данела Арсовска и Даниела Арсовска се исто лице, тоа значи дека тоа лице доставило документи за своите предци дека на времето се декларирале како Бугари, се наведува во статијата.
Дрисла повеќе нема да го труе Скопје, инвестиравме во здравјето на граѓаните, истакна Шилегов на прес-конференција. Цели девет години, откако ВМРО-ДПМНЕ ја отуѓи Дрисла ништо не беше вложено, нагласи Шилегов. Девет години немаше ниту една инвестиција, а ние за година и пол успеавме да набавиме нов стерилизатор за третман на медицински отпад од познатата италијанска марка ЦИСА – иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет.
На вчерашното снимање на едно видео обраќање на кандидатката за советничка Дина Спировска за скандалите околу салата Расадник и Данела Арсовска, се појавил активист на ВМРО-ДПМНЕ кој не дозволувал да продолжи снимањето и дофрлувал до присутните, велат од градската организација на СДСМ, Скопје.
Државната изборна комисија (ДИК) изгласа поништување на одлуката која ја донесе вчера за измена на Упатството за важечки и неважечки ливчиња. Даштевски изјави дека измената на Упатството произлегла од пресудата на Управниот суд за избирачкото место во Шуто Оризари, каде судот констатирал дека е недозволиво гласачките ливчиња да се прогласуваат за неважечки поради пропусти на избирачкиот одбор, односно поради неставање на печат.
ВМРО-ДПМНЕ повторно во одбрана на криминалот, се обиде да саботира тајна полициска акција во Битола. Како што објави и Министерството за внатрешни работи, во текот на вчерашниот ден, припадници на единицата „Тигар“ и припадници на СВР Битола вчера уапсиле две лица од Битола кај кои пронашле хероин. Со ваквите потези, со јавно објавување фотографии и имиња на вработени во МВР, ВМРО-ДПМНЕ се стави во директна одбрана на наркодилери од Битола“, се вели во соопштението.
Откако помина речиси целата кампања и на само неколку дена пред вториот изборен круг, господинот Кирил Пецаков се одважи и конечно призна дека неговиот план е Охрид да го врати назад во минатото и дека ќе биде слуга и маша на личните и бизнис интереси на поединци, истакна на денешната прес-конференција кандидатот од СДСМ за втор градоначалнички мандат во Охрид, Константин Георгиески.
Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, која себеси уште на почетокот на кампањата се пофали дека имала достигнувања како никој друг во Европа, сепак се „сопна“ на локалните предизвици. Арсовска не запре со гафови ниту по прашањето на инфраструктурата. Таа најави продолжување на булеварот „Борис Трајковски“ до Драчево, што инаку веќе се реализира. Таа вети и изградба на булеварот „Хрватска“, за што Град Скопје веќе ја собра градежната документација, а понуди се отворени и за продолжување на булеварот „Словенија“, што Арсовска го вети како нејзин проект.
Денарот е стабилен, а ценовните движења се должат на растот на цените на енергенсите на светските берзи по високиот пад минатата година, како и на привремените нарушувања на синџирите на снабдување предизвикани од пандемијата. Ова се промени од привремен карактер, коишто би стивнале до година, а подгревање на инфлациските движења не е потребно, порача денеска вицегувернерката на Народнaта банка, Емилија Нацевска.
ФРОНТ, РЕНДГЕН
Кметица или кметка…Која како Македонка ја поддржува партијата која ја напаѓаше власта за предавство на националните интереси, имено, во преговорите со Бугарија и преку таа критика се искачуваше кон власта по скалите на македонските инфантили и останати глупаци, по басамаците од откинато живо месо на Македонија, од кај што потоа ќе може да ја покаже вистинската димензија на своето бугарство. Кога заспаната Бугарка ќе ја фрли македонската наметка и поотворено и троа деликатно на почетокот, ќе проработи во интерес на бугарската кауза во Македонија, пишува Бранко Тричковски.
Внимание: ајкули во Вардар! Затоа нашите партии си применуваат друг, проверен корективен „метод“ во политичкото оперирање со општеството, промовирајќи ги партиите како силна гаранција за посигурен општествен статус, врзувајќи ја поединечната судбина на граѓанството со изборната успешност на самите партии. Како што е познато, тоа се нарекува „партизација“ (или „негативна“ политизација) на локалната и државната администрација, а и на целата општествена атмосфера, од Гинекологија до Гробишта Бутел. (Ова е кратката верзија и на годинешните критики во Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија.), пишува Сашо Орданоски во најновата колумна.
Димче Лајош Тапкарош. Освен тој „ќар“, за утеха, тука се и два-тринаесетина илјади гласови повеќе, куп советнички места, кои ќе донесат десетици илјади евра повеќе на сметката на димчето и партијата. А и некој ќе се „ухлеби“, ќе цица од Буџетот на „Северна“, што би рекол тој, инаку и самиот државен ухлеб од кога знае за себе. Дај шта даш, пишува Петрит Сарачини.
Дојдов во градот со куфер полн сништа кога Скопје се распаѓаше, 2011та година – имаше багери насекаде. Се рушеше едно време – за да се изгради друго. Се менуваше битот и суштината, ние студиравме и се смеевме на гротескното време во кое што живееме. Последна падна мојата омилена фасада на Владата (тоа никогаш нема да им го простам!).
ЛАЖНИ ВЕСТИ
Со манипулативен пост се споделени две фотографии од медиумски објави од соопштението од Министерството за здравство, а на една од фотографиите може да се прочита и вистинската информација, а тоа е дека 75 отсто од починатите се невакцинирани. Според податоците од Министерството, сите починати, а вакцинирани, биле хронично болни со една или повеќе болести, а само еден пациент немал хронични болести, но имал 80 години. Се работи за постари лица кои најчесто биле со кардиолошки и белодробни заболувања, дијабет и малигни заболувања.
АХА!
Мицко: Ало Данелче бе, што правиме со пасошов? Кој ти го кажа овој збор „небулози“, нели можеше изрично да пресечeш: немам бугарски пасош“, па нека се сликаат овие нека докажуваат? Вака што направи, сама си пукаш во нога. Нè резилат на социјални мрежи, лом нè сторија.
Данела: Наум ми рече да го кажувам тоа…
ПАНДЕМИЈА
Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 6.089 дози вакцини, од кои 709 се аплицирани како прва доза, 1.148 се ревакцинирани, а 4.232 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 26 октомври вкупно се вакцинирани 802.705 граѓани, ревакцинирани се 772.424 а трета доза примиле 20.119 граѓани. 54% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.