Никола Маџиров
Тука светот се отвора
пред раширените нозе
на проститутките.
Тука просјакот ја продава честа
поскапо од милостината
и келнерот кажува
“Масите се резервирани!”
Тука наркоманите се
почисти од дрогата
(мудростите се ставаат во загради)
и џинсот скинат над колено
се пренесува од колено на колено.
Тука не се остваруваат пророштвата
на собните пајаци,
стапките се граничат со граници,
вратите се отвораат
во должина на синџирот
и правот не ја напаѓа глупоста.
Тука сенките на водачите
се постари од сонцето,
бомбите се полни
со месечеви пејзажи,
последните мостови се виножита
и цвеќарите сè уште
крадат од гробовите.
Тука е она таму
каде историјата
никогаш не станува историја
(таму сме ние
послушно стуткани во телевизорот)
Никола Маџиров е македонски поет, есеист и преведувач, роден на 27 мај 1973 во Струмица. Добитник е на повеќе национални и интернационални награди.
избор: Тања Кармзова Костиглиола