Ива Дамјановски
дури и кога те удира со чекан
и ти го крши черепот,
дури и кога пее гласно
со срп, земја и пот,
дури и кога расте со години
и цветови и годови,
дури и кога создава
соѕвездија или сводови.
Ти не знаеш што е тоа поезија
дури и кога ти вика ‘Мамо!’
и си ги раскрварува колената,
ти не знаеш што е тоа поезија
дури и кога се обидува да
ти ја најде вената,
дури и кога ја носи твојата облека
и го краде твоето име
и ги крши сите твои огледала
и затоа имаш седум години
несреќа.
Ти не знаеш што е тоа поезија
дури и кога расте во тебе
како тумор,
дури и кога ти се додворува
како несоница на умор,
дури и кога ти повторува
дека не знаеш што е тоа поезија,
дури и додека го уништува човештвото
како свилена апокалипса
дури и кога ти ја пали цигарата
дури и кога ти бара десет денари
додека го чекаш семафорот
да се промени
(иако знаеш дека никој
никогаш не се менува)
ти не знаеш што е тоа поезија
дури и кога разденува,
дури и кога експлодира како
отровна црвена печурка
над закопани лаги
во Бејрут,
дури и кога вреска наоколу
како некој
кој е лут,
дури и кога молчи тврдоглаво
како некој
кој е луд,
дури и кога удира со чекан
како да си прогласен ‘виновен’
пред нејзиниот суд.
Ива Дамјановски (25) е дипломиран пијанист и поетеса. Таа е најмлад добитник на наградата “Браќа Миладиновци” во склоп на СВП 2020 година.
избор: Тања Кармзова Костиглиола