Централното претседателство на Алтернатива вечерва на седница даде зелено светло партијата да се приклучи кон Владата и парламентарното мнозинство.
Како што информира на прес-конференцијата портпаролот Орхан Муртезани, Централното претседателство го овласти претседателот на партијата Африм Гаши да комуницира со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза.
„По многу дискусии на Централното претседателство одлучивме дека треба да им дадеме шанса на стабилноста и континуитетот за да може земјата да се надева на датум за почеток на преговори со ЕУ. Претседателеството го овласти претседателот да комуницира со сите политички актери, во случајов со актуелниот премиер, но и со евентуално новиот мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од оваа криза. Ќе видиме дали има воља за заедничка програма и дали има воља владините партнери да се откажат од дел од својата моќ за да се создаде рамнотежа во власта. Отсега сепак зависи што ќе се разговара и што ќе се договори, а конечната одлука ќе ја донесе Централното собрание на Алтернатива, кое ќе се свика кога ќе имаме нешто повеќе од само подготвеноста за преговори. Членовите на Централното претседателство треба да му дадат насока на Централното собрание, највисокиот орган на партијата, кое треба да донесе финална одлука.“, истакна на прес-конференција после седницата, портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани.
Претходно дел од пратениците на Алтернатива сметаат дека доколку нивната партија донесе одлука да стане дел од Владата, услов треба да биде давањето предност на програмата на партијата, пред позициите во власта.
Ј. Ѓорѓиоски