Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, во соработка со, и поддршка од Visegrad Fund, Balkan Trust for Democracy – USAID и Музејот на современа уметност – Скопје, ќе организира голема конференција Авении на соработка: кон презамислена регионална припадност, што ќе се одржи на 3-ти и 4-ти декември 2021 година.
Конференцијата е дел од посложена проектна иницијатива која има за цел, преку комбиниран пристап на истражување и застапување да изнајде решение за културниот конфликт помеѓу македонската и бугарската држава, да го разбере конфликтот, да понуди можни решенија за него, и да изгради мостови на соработка на академската и граѓанската заедница која ќе придонесе за одржливо надминување на конкретниот проблем. Притоа, имајќи предвид дека културните конфликти поврзани со наративите за градење на нацијата, каков што македонско-бугарскиот конфликт несомнено може да се решат во рамките на современата политика и нејзините средства за решавање на културните конфликти, а не единствено во рамки на историографијата. Проектната иницијатива има за цел преку вклучување на научници и јавни интелектуалци од трети, но информирани и засегнати држави, преку отворена дебата и дискусија за можни решенија и кршење табуа во врска со историјата, да изгради модел на наратив кој може да послужи како план за решавање на самиот спор.
Оттука, надоврзувајќи се на искуството на Вишеградските држави, и начинот на кој тие ги третираат нивните недоразбирања за историјата и културното наследство, но и сознанијата произлезени од решението на спорот меѓу Северна Македонија и Грција, конференцијата „Авении на соработка“ се обидува да, од една страна, понуди модел за решавање на идентитетските спорови, со фокус на македонско-бугарскиот конфликт, но и да се вклучат граѓански организации/експертски организации кои ќе помогнат да се отвори теренот за конструктивна дискусија и создавање на поширок европски дијалог, од друга страна. Покрај тоа, заедно со конференцијата ќе се одржи и македонско-бугарска панел дискусија со научници и експерти за политики/застапување на која ќе се дискутира напредокот во надминување на ќорсокакот меѓу двете земји и одблокирање на процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ, средовековното наследство на Царот Самоил, но и имплементацијата на договорот од Преспа, особено во областа на младинските политики.
На настанот свои обраќања ќе имаат: Габор Егри, Костас Дузинас, Марта Шпала, Михал Вит, Стефан Дечев, Спасимир Домараџки, Катерина Колозова, Атанас Шарков, Румен Даскалов и Методија Стојчески. Се очекува и присуство на претставници на најрелевантните македонски институции, меѓународниот дипломатски кор, експерти од земјата и странство, претставници на граѓанскиот сектор и други. Сесиите отворени за јавноста ќе се одржат во Музејот на современа уметност во Скопје.