ВАСКО ЛАЗАРЕВСКИ
Мислам дека прeдизборните ветувања поврзани со јавниот превоз во Скопје, ќе почнат да ја стигнуваат новата градноачалничка и наскоро ќе сфати дека реките од мед и вино ветени во кампањата никогаш нема да потечат низ Скопје.
– За бесплатниот јавен превоз – ќе се претставуваат како нови групите на граѓани кои веќе користат бесплатен превоз, а најверојатно и дополнително ќе се создаде пакет и за пензионерите. Градскиот буџет максимално ќе се оптовари со тие ставки, но нема да се добие универзален бесплатен превоз. Особено загрозени од овој проект за бесплатен превоз се таксистите и приватните автобуси, ако некогаш се спроведе ова, тие ќе бидат речеиси избришани.
– За брзиот автобуски превоз – БРТ, ќе се обидат да направат козметички измени кои ќе можат да се претстават како сосема нов систем кој го смислила Данела. Затоа што, Данела не спроведува ветувања на Шилегов. Ќе се додаде некој метар траса, место лево, ќе оди десно и нема да се вика БРТ, туку РБТ или ЈСП 2.0. Секторот за односи со јавност ќе го претстави ова како изворен проект на новата администрација и огромен успех на Арсовска.
– За 250 нови еколошки авотбуси – ова нема да се случи.
– За приватните авотбуски превозници – ќе добијат нови договори т.е. ќе им бидат продолжени постоечките, можно е да се воведе некој систем за нивно субвенционирање за префрлање на гас, но тој систем ќе постои само на хартија и минимален процент од приватните автобуси ќе можат да го искористат (ако воопшто).
Сумирано, ништо посебно, ништо ново, ништо модерно не верувам дека ќе се случи во превозот. Ќе доминираат кинеските автобуси што трошат над четириесет литри дизел на сто километри, јавниот превоз ќе се движи со просечна брзина од 10 – 12 км/ч, „приватњаците“ ќе си возат како и досега.
Арсовска ќе има избор, или да го прифати БРТ (иако го ветил Шилегов) – а знаеме дека една од целите и е да направи дисконтинуитет во проектите и процесите во Градот, или да го заглави Скопје во повеќегодишно статус кво, кое најмногу ќе ги оштети Скопјани.