РИБАРО
Неколку денови откако ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески ќе биде дел од работно тело за следење на реализацијата на проектите на вмровските градоначалници и ќе располага со тешки милиони во евра народни пари, во изјава за АХА, Ставрески се извини на македонската јавност за своите претходни дејанија.
– Се извинувам за зголемувањето на јавниот долг од 26% на 45% од БДП, за време на моето министерување како дел од тимот на Груевски, изјави Ставрески. Како експерт сега ќе настојувам општините да имаат трицифрени проценти долгови, и ќе ги натерам градоначалниците да мислат во тој правец, прецизира Ставрески.
– Се извинувам што трошевме за чоколадa, а немавме за леб, рече Ставрески. Појасни дека отсега па натаму чоколадите наместо леб во вмровските општини ќе бидат Милка – од големите. За таа цел Ставрески обезбедил по 300 Милка крави за секој вмровски градоначалник.
– Се извинувам што прокурцавме 700 милиони евра народни пари за фасади и споменици, за лавови и мегаломански барокни згради од проектот Скопје 2014, вели поранешниот министер. Додаде дека отсега наменски ќе се трошат парите, а напомна дека автобусите планирани од Данела за Скопје, ќе бидат на електричен погон, произведени во хрватски Римац, и нема да чинат повеќе од еден милон евра за еден автобус.
– Длабоко се извинувам и барам прошка од медиумите за моето арогантно однесување и неодговарање на новинарски прашања за целиот мој поранешен мандат, вели Ставрески. Нагласи дека отсега ќе се обиде да се воздржи и ќе дели помалку болни навреди за новинарските репортери.
– Се извинувам што правев сè како кум на Грујо тој да ми наложува да пренаменувам државни пари за неговите лични хирови и така ја опљачкавме Македонија. Тој потенцира дека сега единствено ќе ги слуша наредбите на Мицкоски и ќе го тера неговиот ќеф исклучиво за лични потреби на Мицкоски.
На крај од неговата изјава за АХА, Ставрески вети дека нема овој пат да се прикрадува ноќе да гледа станови на Водно, кои би ги земал за себе, но на друго име и дека сето тоа од сад надаље и будуќе ќе го прави јавно и транспарентно.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK