РИБАРО
Во предновогодишното обраќање, денеска 27 декември 2024 година, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, даде отчет за сработеното во изминатите три години од нејзиниот мандат.
– Во моментов се работи на целисходно системско решение од повеќе комплементарни мерки за обезбедување на повисок квалитет на живот и почист воздух, вели градоначалничката Арсовска во обраќањето.
На прашањето од АХА за тоа како е можно градот да го намали загадувањето а веќе три години не се презема ништо, се кратат средствата од буџетот за субвенции за инвертер клими, за велосипеди и други мерки, Арсовска рече – Ве молам за трпение, сè ќе биде добро.
Арсовска нагласи и дека интензивно се работи на подготовките за имплементирање на бесплатен јавен превоз за скопјани.
„Подготовките се во тек, а веќе трета година се отворени и тендерите за набавка на нови автобуси. Малку имаме проблем со документацијата и планираме да смениме некои технички детали од условите што треба да ги исполнат новите автобуси, но тоа не е нешто што треба да нè загрижува. Автобуси ќе има доволно, можеби и за 10 до 12 граѓанин по еден автобус. Концептот за бесплатен превоз за сите е спроведлив, мора да бидеме трпеливи уште неколку години“, рече Арсовска за АХА и додаде дека веќе пензионерите, средношколците и студентите бесплатно го користат јавниот превоз.
На нашата забелешка дека овие категории граѓани тоа веќе го имаа и пред таа да биде градоначалничка, а таа вети бесплатен превоз за сите уште пред три години, Арсовска се извини дека нема време да навлегува во детали, зашто брза на свеченото отворање на мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој како што рече, е една од главните сообраќајни артерии во градот што таа успеала да ги финишира.
– Но градоначалничке, нели тој мост беше за рибарите и беше завршен пред три години, од….
– Се извинувам, навистина немам време, рече Арсовска и нè остави „бели во очите“.
Мора да се напомене дека сепак Арсовска, после три години, конечно им дозволи на новинарите да поставуваат прашања.
Екипата на АХА изразува огромна благодарност до градоначалничката, за оваа несекојдневна можност.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK