Мултимедијален настан „Почитувај ги различностите“ на кој се промовираше документарниот филм во траење од 68 минути, во кој се сместени активностите од иницијативата „Направи разлика, почитувај ги различностите“ се одржа во студиото на ЦИВИЛ.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во обраќањето до присутните гости истакна дека почитувањето на различностите е за доброто на сите граѓанки и граѓани, но и пример за тоа како треба да се развива едно општество. Демократијата подразбира почитување на различностите, рече Дерала.
„Ова е крај на втората година од нашата иницијатива во која ги промовираме мултикултуралноста, почитувањето на различностите и човековите права, почитувањето, негувањето и унапредувањето на цивилизациските, европските и зелените вредности. Оваа иницијатива е поддршка, набљудување, критика, придонес кон развој и унапредување на оваа стратегија – концептот Едно општество за сите. Со малку понагласен ритам, овие две години се обидовме и во голема мера успеавме да ги приближиме идеите за тоа дека почитувањето на различностите е за доброто на сите граѓанки и граѓани, но и пример за тоа како треба да се развива едно општество. Демократијата подразбира почитување на различностите, бидејќи тоа ги подразбира човековите права и слободи“, истакна Џабир Дерала.
Дехран Муратов од ЦИВИЛ, во изјава за Фронтлајн, нагласи дека пораките што активистите ги испратија се за мултикултурализам, почитување на различностите, односно едно општество за сите. Тој додаде дека проектот Едно општество за сите, е всушност и идеологијата на ЦИВИЛ.
„Пораките што нашите активисти ги упатуваа со проектот „Почитувај ги различностите“, беа за мултикултурализмот, почитување на различностите, односно едно општество за сите, или подобро кажано – еднакво општество за сите. Општество кадешто сите ќе ги уживаат истите права без разлика на нивната различност“, рече Муратов.
Тој потенцира дека ЦИВИЛ нема да запре тука, ќе продолжи да ги пренесува тие пораки, затоа што тоа е идеологијата на ЦИВИЛ.
Без разлика дали овој проект ќе продолжи или не, ЦИВИЛ ќе продолжи да го промовира тој концепт на соживот, мултикултурализам, недискриминација, без разлика кој од каде доаѓа, која етничка, верска национална, сексуална или е дел од било каква друга припадност, истакна Муратов.
Направи разлика, почитувај ги различностите е продолжение на иницијативата „Обединети во различностите“, која ЦИВИЛ ја спроведе со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото војводство Луксембург.
Проектот има цел да ги ублажи разорните последици од етничката омраза и антизападните кампањи, преку кампања за јакнење на јавната свест, медиумска продукција и настани што ќе се фокусираат на позитивните пораки за мултикултурализмот и европските вредности.
Ј. Ѓорѓиоски
видео: М. Ацковска