Како последна, 30-та членка на НАТО, Северна Македонија покажа дека не седи и не чека некој друг да ја заврши работата, туку и дека ние активно придонесуваме. Затоа за првпат минатата година испративме и наши армиски структури како дел од КФОР во Косово, со цел да ја испратиме пораката дека сме заинтересирани за постабилен регион. Ова е дел од одговорот на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на прашањата на Фронтлајн „какво влијание може да имаат политичко-безбедносните предизвици меѓу Косово и Србија и и Босна и Херцеговина и со кои предизвици ќе се соочува Северна Македонија оваа година?
„И во 2022 година ќе имаме предизвици коишто се типични за нашиот регион. Но ние не сме остров, туку ќе страдаме од ризиците и предизвиците со кои се соочува светот. Вие знаете дека гео-политичката ситуација во последниот период е прилично непредвидлива. И затоа како членка на НАТО ги поздравивме, овие некои позитивни сигнали на почетокот на годината, како резултат на директните разговори помеѓу Соединетите Американски Држави и Русија. Како резултат на штотуку закажаната средба помеѓу НАТО и Русија. Се надевем и ќе работиме на намалување на тензиите и решавање на некои од отворените прашања“, изјави министерката Шекеринска при посетата на Армискиот полигон „Криволак“.
Како што изјави Шекеринска, целта на Алијансата е стабилна, безбедна и просперитетна Евро-атлантска област, а нашиот регион е дел од таа област.
„Една од ретките точки на која се согласни и Србија и Косово е дека КФОР е гаранција за поголема стабилност и создава подобра атмосфера за нивните меѓусебни разговори. Ние сакавме да ја поддржиме мисијата којашто носи безбедност во регионот и се надеваме дека таа ќе им помогне на политичките лидери во Приштина и Белград да најдат решение, оти проблемите од ваков тип некогаш не се решаваат дури ни со воено присуство. Се решаваат со разговор, како што ние покажавме во минатото“, изјави Шекериснка.
Министерката за одбрана нагласи и дека Собранието дало црвено светло за зголемување на учеството и присуствот во ЕУ мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, исто како наш влог во безбедноста на нашиот регион.
„Мислам дека е тоа добар потег, проблемите во БиХ нема да се решат со ЕУ мисијата, дури ни со ангажманот на ЕУ претставниците коишто се загрижени. Ќе се решат ако има политичка волја за решавање на суштинските проблеми. Со нашето учество во АЛТЕА покажуваме дека сакаме да помогнеме. И ако сакате да покажете дека сте заинтересирани за безбедноста на цела аевто-атлантска област, правата работа што може да ја направите е добро да се однесувате дома и да не придонесувате во целиот регион. Северна Македонија е лекција за многу држави во регионот, дека со политичка војла, можат да се решат и најтешките политички проблеми. Мислам дека овие два елементи се плусот коишто ние го донесовме во Алијансата“, изјави Шекеринска.
Ресорната министерка, заедно со претставници од Генералштабот и Армијата и претставници од Амбасадата на САД беа во посета на Армискиот полигон „Криволак“ и направија увид во реконструктивните активности кои се извршуваат на повеќе локации во самиот полигон.
Со инвестиции во патната инфраструктура, објектите, обнова на полигоните за обука, Армискиот полигон Криволак“ добива нов, модернизиран и современ лик.
Оваа година на полигонот Криволак ќе се одржат седум меѓународни вежби – со учество на 5.200 припадници на сојузничките армии како и на Армијата на Северна Македонија.
Најголема меѓу нив е вежбата SWIFT RESPONSE – 22, на која е најавено учество на околу 4 000 учесници од армиите на САД, ОК, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и од Северна Македонија.
Реконструкцијата на АП „Криволак“ започна во 2020 година.
Мартина Ацкоска