пишува: БОЈАН ПЕТРЕСКИ
Локални избори. На секои 4 години се одржуваат локални избори, каде граѓаните на Северна Македонија бираат меѓу понудените кандидати за градоначалници и меѓу понудените листи за кандидати за советници, луѓе кои сметаат дека најсоодветно ќе ги решаваат нивните проблеми и ќе го слушаат нивниот глас. Од тие локални избори, всушност се црпи легитимитетот на избраните градоначалници и советници кои по завршувањето на изборите и по добиената доверба од граѓаните, имаат соодветна обврска да бидат на располагање на секој еден жител од општините без разлика дали некој ги поддржал или не. Следствено на тоа, како и до сега, така и на локалните избори кои се одржаа пред два и пол месеци, граѓаните ја дадоа довербата и кажаа кој сметаат дека е најсоодветно да ја води секоја општина вклучително и Град Скопје во наредните четири години.
Во тој контекст, граѓаните на Скопје покрај тоа што избираат меѓу понудените кандидати прв човек на општините во кои живеат, имаат можност да го дадат својот глас и за еден од понудените кандидати за градоначалници на градот Скопје. Резултатите од последните локални избори за градоначалник на градот Скопје беа такви што скопјани и скопјанки решија втор пат во историјата од 1941 година па наваму, Скопје да има градоначалничка. Во претходниот период градоначалниците на Скопје често се менуваа, па така само Пенов и Трајановски се двајцата кои имаа можност градот да го раководат во два мандати по добиената доверба од скопјани.
Овој пат, двете македонски политички партии одиграа на ист начин како и во 2005 година. Како и тогаш, така и сега, СДСМ и коалицијата предложија свој кандидат за градоначалник, а ВМРО-ДПМНЕ застана зад независен кандидат поддржан од група избирачи. СДСМ и коалицијата пред скопјани излегоа со предлогот Шилегов да ја бара довербата по втор пат, а ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа кандидатката Дан(и)ела Арсовска. Во првиот круг на локалните избори не беше избран градоначалник на метрополата бидејќи никој од кандидатите го немаше потребниот број на гласови. За таа цел во вториот круг влегоа двајцата кандидати кои имаа освоено најголем број на гласови, а тоа беа Шилегов и Арсовска.
По завршувањето на вториот круг од локалните избори, Скопје ја доби независната кандидатка за градоначалничка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска. Во предизборната кампања Арсовска излезе со низа ветувања пред скопјани, но и со низа критики упатени на сметка на тогашниот градоначалник на Скопје.
За таа цел, ќе се осврнеме накратко на ветените проекти и нивниот степен на реализација до сега. Па така, најкрупните две ветувања на градоначалничката Арсовска беа:
– граѓаните на Скопје ќе добијат 250 нови градски автобуси,
– целосно бесплатен градски превоз за скопјани.
Арсовска пред скопјани излезе со ветување дека градот ќе креира и програма за заборавените општини. Исто така, градоначалничката во својата програма имаше предвидено дека администрацијата во градот и јавните претпријатија ќе добијат налози за детектирање на проблемите, слабостите и недостатоците, каде администрацијата по детектирањето ќе треба да предложи и соодветни решенија за истата. Арсовска најави и спроведување на идејата SMART Скопје, каде што треба да се опфати проширување на оптичката мрежа во градот, паметни системи за наводнување и осветлување на јавните простори. Друг клучен сегмент во нејзината програма беше и еколошката мобилност и креирањето модерна инфраструктура за велосипеди со креирање на нови велосипедски патеки за безбедно поврзување на сите делови од градот. Во областа на екологијата најавуваше зелен план за Скопје кој опфаќа активности поврзани со расчистувањето на дивите депонии, проектот Водно како зелен штит на Скопје, но и реконструкција на парк-шумата во Гази Баба и Матка, кои се оставени без грижа, инвестиции и без заштита.
Претставувајќи ги клучните сегменти од програмата на Арсовска, ајде да ги видиме постигнатите работи од нејзиното „менаџирање” со градот Скопје.
– По два и пол месеци иако претставена како независна кандидатка за градоначалничка, Арсовска успеа во сите градски претпријатија да ги смести кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа да ги задоволи партиските апетити.
– Од набавката на 250 нови автобуси нема ништо. Проектот БРТ оставен од страна на екс-градоначалникот Шилегов укинат и најавено е дека нема да се спроведе, проект за кој беа обезбедени финансиски средства од Европската банка за обнова и развој. Тоа е долгогодишен проект кој има јасна визија и цел, а тоа е растеретување на сообраќајниот метеж што се создава во градот.
– Најавениот проект бесплатен јавен градски превоз за сите нема абер од почеток на реализација. За сметка на тоа, градското сообраќајно претпријатие доби нов партиски кадар за директор од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кадар кој веднаш по назначувањето воведе билет во автобусите за целодневно возење кој чини 120 денари. Наместо почеток на реализација на целосно бесплатен превоз, воведување нов билет со најава дека претпријатието е во лоша состојба и барање на помош од Владата.
– Давањето насоки на администрацијата на градот и претпријатијата за детектирање на слабостите и недостатоците, исто така нема видлив почеток на реализација. Освен полнење на партиски кадри во претпријатијата и во управните одбори на претпријатијата, друго не видовме. Нема ниту еден директор назначен од Арсовска кој до сега излегол и јавно кажал дека детектирале проблеми и кој понудил соодветни решенија за нив. Единствено нешто е барањето за помош од Владата.
– Проектот SMART Скопје иако најавен дека ќе почне да се реализира што е можно поскоро, далеку од почеток на реализација. Ниту почеток на проширување на оптичката мрежа во градот, ниту почеток на паметните системи за наводнување. Кога сме кај осветлувањето на јавните простори, екс-градоначалникот Шилегов имаше успешно справување со ослободувањето на јавните површини и со зголемено осветлување на јавните простори. Така да, тоа е веќе почнато со реализација, продолжување нема.
– Околу еколошката мобилност и велосипедските патеки, Арсовска може само да побара советодавно мислење од претходните служби во градот бидејќи во време на екс-градоначалникот Шилегов имаме најмногу изградени велосипедски патеки во еден градоначалнички мандат.
– Околу борбата со аерозагадувањето, Арсовска нема мрднато со прст за два и пол месеци. Скопје урива рекорди по број на ПМ10-честички на метар квадратен. Скопје изминативе денови го достигна врвот и се искачи на второ место на табелата на најзагадени градови во светот.
Секако сублимирајќи ги сите овие (не)достигнувања на Арсовска неизбежно е да го споменеме и проблемот со ладните радијатори во домовите на скопјани. Имено, градоначалничката Арсовска влезе во полемика со претставниците на централната власт за тоа кој ги има ингеренциите за затоплувањето на скопјани со парно греење. Така, во наведените ингеренции на градоначалникот на град Скопје јасно стои дека градоначалникот е надлежен за грижа за извршување на работите што со закон му се доверени на градот. Иако проба да се изземе од одговорност и од вина за овој проблем сепак последните случувања и решението на проблемот ни малку не ја изземаат од одговорност туку напротив во иднина мора да се обрне внимание повеќе на овој проблем. Токму заради тоа неизбежно беше Владата предводена од СДСМ и коалицијата да интервенира и да изнајде решение за овој проблем.
Во таа смисла, ние како граѓани на главниот град во државата, обврска ни е да ја потсетуваме градоначалничката Арсовска дека е избрана со над 110 илјади гласови за да ги решава проблемите на сите нас. Арсовска има полн легитимитет и не смее да дозволи главниот град кој имаше евидентни успеси претходно, да чекори наназад.
Скопјани мои, сега за сега, се потврдува констатацијата дека мнозинството погреши во изборот. Погрешија над 110 илјади граѓани на Скопје кои дали поради некои разочарувања, дали поради некои нереализирани ветувања од страна на екс-градоначалникот Шилегов, или пак поради желбата за промена и желбата за непартиски кадар да застане на чело на градот Скопје, и ја дадоа поддршката на Арсовска.
Искрено, на сите ни преостанува заедно да се бориме колку што е можно повеќе, проектите за подобрување на животот на граѓаните да се реализираат и Скопје да го направиме уште подобро и поквалитетно место за живеење за сите.
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани