Здружението на јавните обвинители преку соопштение до јавноста, најостро ги осуди последните закани упатени кон јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески.
„Заканите упатени кон него, како највисок во јавнообвинителската хиерархија, претставуваат закана кон целата институција и сите носители на јавно обвинителската функција“, пишува во соопштението.
Натаму во соопштението се додава дека вакви закани од каде било и од кого било да доаѓаат се нецивилизациски чин и се во спротивност со сите меѓународни акти и востановени стандарди за функционирањето на јавното обвинителство во секоја правна држава.
„Јавното обвинителство како инситуција има интегритет и сила , преку носителите на јавно обвинителската функција со правни средства, да се бори против сите облици на криминалитет во извршувањето на фукцијата на кривично гонење на сторителите на кривични дела , никој и со никакви средства не може да го спречи јавното обвинителство , а уште помалку да го поколеба во извршувањето на неговите уставни и законски надлежности“, пишува во соопштението на Здружението на јавните обвинители.