пишува: БОЈАН ПЕТРЕСКИ
По три неуспешни обиди за формирање на нова влада, на средината на ноември минатата година, Република Бугарија доби нова влада на чело со премиерот Петков. Премиерот Петков доаѓа од партијата Продолжуваме со промената (ПП), партија која беше создадена на бранот масовни протести против корупцијата во Бугарија. Партијата ПП е основана од дипломците на американскиот универзитет Хардвард, Кирил Петков и Асен Василев. Оваа политичка партија на последните избори во Бугарија освои најмногу гласови врз основа на ветувањата кои ги даде пред граѓаните дека ќе обезбеди транспарентност во работењето на владата и ќе спроведе реформи во клучните области. Бугарските граѓани изморени од ветувањата на сите политички чинители во општеството, одлучно и недвосмислено одлучија да им дадат шанса на овие млади луѓе кои се исклучително образовани и ветуваат поставување на нови политички стандарди на бугарската општествено-политичка сцена.
Паралелно со случувањата на бугарската политичка сцена промени се случија и на политичката сцена во Северна Македонија. Имено, по поразот на СДСМ на локалните избори одржани во октомври минатата година, екс-премиерот Заев најави свое повлекување од премиерската позиција и од позицијата претседател на СДСМ – најголемата македонска политичка партија. Заев, прво ја поднесе оставката од претседателското столче во СДСМ, па потоа оставката и од претседателското столче во Владата на Северна Македонија. За негов наследник во СДСМ беше избран Димитар Ковачевски, кој подоцна со овластување и од највисокото раководство на СДСМ, но и со овластување од коалицијата предводена од СДСМ, стана мандатар за состав на нова Влада. Мандатарот Ковачевски го зема мандатот од претседателот на државата Стево Пендаровски и пред народните избраници во Собранието одржа говор-експозе во кој ги истакна приоритетите на новата Влада. По дводневна расправа во Собранието, со поддршка од 62 пратеници, Димитар Ковачевски на 17 јануари стана претседател на Владата на Република Северна Македонија.
Евидентно е дека новата 2022 година донесе освежување на политичките сцени и во Северна Македонија, но и во Бугарија. Па така, двајцата нови премиери високо на своите агенди го ставија решавањето на македонско-бугарскиот спор. Веднаш по формирањето на нова Влада во Северна Македонија, прв гостин на новиот премиер Ковачевски беше новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков. Пречекан со највисоки државни почести, Петков дојде во прва посета на Северна Македонија на средба со државниот врв. Двете влади јасно се обврзаа дека соработката, градењето на добрососедството и пријателството треба да биде на високо ниво, а истото може да се оствари преку формирање на работни групи, во кои ќе членуваат министрите на двете држави. Една недела потоа, македонската влада беше во возвратна посета на Бугарија, исто така пречекана со највисоки државни почести, каде веќе беа формирани работните групи со определена агенда и назначување на приоритетите низ кои треба да се реализира соработката меѓу двете држави. Исто така, двете Влади се обврзаа дека потпишаниот договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година треба да биде појдовната рамка низ која треба да се продлабочува целата оваа соработка со цел олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете држави.
Ковачевски и Петков комуникацијата ја сведоа на директна основа без меѓусебни олеснувачи и преговарачи, нагласувајќи дека директното решавање на предизвиците и проблемите е најдобриот начин за постигнување на што поквалитетно решение прифатливо за двете страни. Премиерите јасно нагласија, дека не е потребно само формирање на историска комисија, туку и комисии во повеќе области за да може напредок да се оствари во повеќе сфери меѓу овие два исклучително блиски народи. Нивниот ентузијазам, желба и потреба за решавање на овој спор се јасно видливи и се очекува да продолжат и во периодот што следи бидејќи за кратко време двајцата покажаа и докажаа дека е можен евидентен напредок. Гледано од македонска страна, решение е повеќе од потребно бидејќи нам ни треба евроинтеграција час поскоро.
Португалскиот предлог за решавање на спорот кој беше доставен до македонската и до бугарската страна во мај претходната година, претставува предлог во кој јасно се застапени очекувањата на двете страни и строго се заштитени македонскиот јазик и идентитет. Постапките на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во однос на целиот овој процес, јасно говорат дека во овој спор македонксата страна има искрен пријател кај албанците, се со цел полесно надминување и решавање на оваа ситуација. Имено, сосема е разбирливо што Османи не може јавно да ги обелодени македонските одговори на португалскиот предлог, од причина што може да дојде до нарушување на сензитивноста и постигнатата доверба меѓу двете страни. Македонските граѓани треба да бидат спокојни бидејќи навремено ќе бидат известени за сите превземени дејствија во целиот процес. Во контекст на тоа дали се преговара за македонскиот јазик и идентитет, граѓаните на Северна Макеоднија треба да бидат спокојни. Ние имаме јасно изразени црвени линии во преговарачкиот процес и овој дел не е воопшто ставен на маса за преговори.
Единствено нешто што недостасува кај македонската страна во целиот овој процес на градење доверба и дијалог со Бугарија е јасниот став и позиција на македонската најголема опозициска партија. Несреќните изјави во вакви моменти, сериозно можат да ги нарушат јасните позиции на македонската страна и превземањето на одлучни чекори во периодот кога ќе биде потребно. Власта и пружи рака за учество и свој придонес на опозицијата, но тоа беше експресно одбиено. Одбивањето на пружената рака е сосема очекуван потег од македонската опозиција бидејќи како што историјата ни покажува, ВМРО-ДПМНЕ секогаш избегнувала и избегнува одговорност кога е во прашање решавањето на крупни државни прашања. Јасно е видливо дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш кога била на власт во нашата држава, не се соочила со турбулентни ситуации за кои е потребно решавање час поскоро. Напротив, ним им била оставана стабилна државна каса и стабилна државна клима, каде единствено крупно нешто кон кое требало да се насочат е подобрување на животот на граѓаните. Токму тоа истото ВМРО-ДПМНЕ сосема заборави дека тие кога преговараа во четири очи за решавање на спорот со Република Грција, едно зборуваа пред македонските граѓани, друго зборуваа пред меѓународната заедница. Токму затоа, овие нивни неизјаснувања за ова крупно државно прашање, се очекувани.
Земајќи ги сите овие околности, предводени од позитивната клима што ја создадоа Ковачевски и Петков за краток временски период, треба да се има на ум дека младите генерации во Северна Македонија и во Бугарија сакаат што е можно побрзо премостување на разликите и враќање на разнишаната доверба кај граѓаните во целина, со посебен акцент на враќање на довербата кај младите луѓе. Младите луѓе се тие кои се иднината на една држава и на кои треба да им се остави чист терен, за тие да можат преку меѓусебни размени, другарувања и споделување на заеднички вредности уште повеќе да ја продлабочуваат соработката меѓу двата народи во иднина.
Ковачевски и Петков се тие кои се растеретени од било каков политички багаж ставен на својот грб. Двајца нови политичари, двајца нови ентузијасти, двајца нови луѓе со чиста визија за искрен напредок и стекнување силна меѓусебна доверба.
Премиере Ковачевски, премиере Петков, македонските и бугарските надежи и очекувања се вперени во вас. Само вербата, искреноста, надежта, волјата, ентузијазмот и храброста се тие кои треба искрено да ве водат до достоинствено решавање на спорот за двете страни.
Среќно и многу успех!