Колку нашите животи се дело на нашите избори , а колку точни или погрешни одговори на бесконачна листа желби од странa на општеството ?Оваа документарна ТВ серија го обработува прашањето за родовата нееднаквост, како и положбата и еманципацијата на жените во Србија, гледајќи ги низ секојдневните и типизирани улоги, кои во последен период се актуелна тема на овие простори.
Каква жена е на раководна позиција, во кујната или како мајка и социјално ангажирана личност, како и како се менуваат тие улоги во последните пет децении – зборуваат креаторката на серијата Миа Бјелогрлиќ и сценаристката и режисерка Сташа Бајац.
„Идејата за серијата „Таа се буди“ настана како резултат на недостигот на јавна дискусија на тема родова еднаквост. Мојата желба беше да направам емисија која ќе биде достапна и разбирлива за секого, која за првпат ќе отвори некои теми кои се табу во ова општество или за кои, уште полошо, никој не ни помислува. Тргнувајќи од идејата дека секој агол на набљудување нуди само дел од вистината, се обидуваме да ги анализираме сите делови од оваа сложена тема и на гледачите да им понудиме целосна слика“, вели Миа Бјелогрлиќ за српската телевизија Н1.
Во серијата „Таа се буди“ се појавуваат звучни имиња како Лепа Брена и Милена Радуловиќ и многу останати. Сите жени зборуваат за тоа што значи да се биде жена во ваков суров свет, посебно на овие простори – на балканот. И што значи етикетата “Балканска жена”.
Серијата може да се гледа на ЈуТуб каналот на Н1 каде што се објавени сите 5 епизоди.
В.К