пишува: БОЈАН ПЕТРЕСКИ
Минатата недела се одржа уште едно судско рочиште за случајот „Титаник”. Во овој случај на поранешното СЈО, обвинети се поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, екс-министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, шефот на кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски – Мартин Протуѓер, и уште петмина други. Тие се обвинети за злосторничко здружување и кривични дела поврзани со изборни злоупотреби. Првообвинет во овој случај е бегалецот во Будимпешта, Никола Груевски, кому му се става на товар злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања. Сите овие обвиненија кои им се ставаат на товар на осомничените за сторени нерегуларности се однесуваат за изборите кои беа организирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ за време на нивното владеење, а како доказ за овој случај се земени „бомбите” кои ги објавуваше експремиерот Заев во 2015 година.
Па така, токму тие прислушувани разговори објавени од страна на експремиерот Заев имавме можност да видиме како му ја „скроија” судбината на ВМРО-ДПМНЕ. Од оваа политичка партија постојано имаше негирање и неприфаќање на одговорност за тоа што го слушна целата македонска јавност бидејќи главни виновници беа првите луѓе на оваа партија. Во тоа време едноставно не можеше никако да се организираат изборни процеси, а главните набљудувачи од мисијата на ОБСЕ и ОДИХР да немаат забелешки. Иако сите овие забелешки нотирани и доставени до Државната изборна комисија, многу тешко можеше да се постапи по нив бидејќи токму власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ја имаше пригушено секоја пора на македонското општество. До 2015 година власта успеваше секој протест, штрајк, секој револт искажан на улица од незадоволни граѓани кои доаѓаа од различни области, едноставно да го задуши. Корупцијата и непотизмот беа присутни повеќе од било кога, па прашање на време беше кога овој надуван балон, ќе пукне. Секако целата оваа ситуација беше бурно следена и од меѓународниот фактор, кој како поминуваше времето, беше се поприсутен во нашата држава.
Во извештаите кои го мереа степенот на демократичност во државите на Европскиот континент направени од страна на еминентни странски агенции, нашата држава беше оценета како заробена држава. Заробената држава значеше дека во тој момент имаше целосно партизирани и заробени институции, кои наместо да бидат во служба на граѓаните, беа претварани во штабови на политички партии. Во оваа констатација за заробена држава влегуваше и високиот степен на корупција кој беше се поизразено присутен. Исто така свое место зазема и пригушувањето на медиумите, кои се трудеа да известуваат објективно и ги обелоденуваа најголемите измами и прекршоци во тој период. Во констатацијата заробена држава, влегуваше и начинот и изборот на судии. Власта во тие моменти буквално навлезе во секој сектор инсталирајќи свои верни и лојални партиски кадри, кои имаа за цел да им служат токму на тие кои ги поставиле.
Следствено на се ова, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Мартин Протуѓер со признавањето на вина во случајот “Титаник”, јасно и недвосмислено потврдија дека се виновни за делото кое им се става на товар и ставија точка на сите дилеми околу нивните криминални дејствија. Имено, се работи за двајца поранешни генерални секретари на најголемата опозициска партија и се работи за своевремено најважниот оперативен играч на Никола Груевски. Ова нивно признавање на вина за финансиски проневери, изборни проневери и нерегуларности го носи целото ВМРО-ДПМНЕ на работ на своето постоење и делување во една нормална, европска и демократска земја. Но, бидејќи станува збор за Северна Македонија – земја која е оценета како „демократија со недостатоци“, и покрај сите овие нивни јавни признанија и потврди за криминалот, сепак оваа партија, за жал, останува да постои на македонската политичка сцена.
Кога говориме за ВМРО-ДПМНЕ моментално, не смееме, а да не споменеме дека не станува збор за различна политичка партија, туку дека е таа истата од која доаѓаат овие личности кои признаа криминал и проневери. Партијата за овие признанија на нејзини не така одамна истакнати партиски дејци, нема никаков став. Однесувањето на сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е такво, како да станува збор за политичари кои и воопшто никогаш не биле членови на оваа партија. Како човек од третиот ешалон на ВМРО-ДПМНЕ во тоа време, сегашниот претседател на оваа политичка партија Христијан Мицкоски, цврсто до него го држи еден од најверните соработници на бегалецот од Будимпешта, Александар Николоски. Токму Александар Николоски е линкот на Мицкоски со Будимпешта и токму овој човек како остаток од оваа дружина која призна проневери и криминал минатата недела, ни дава за право да имаме впечаток дека ништо не е сменето во оваа политичка партија и дека тоа се истите луѓе кои беа обвинети за проневери и криминал после падот на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Николоски го дружи и актуелниот градоначалник на општина Аеродром и ексмеѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски. Имено, Муцунски кој беше заменик министер за информатичко општество и администрација во времето на Никола Груевски, исто така има свој удел и придонес во редовната комуникација на Мицкоски со Будимпешта. Не може, а да не се спомене и Илија Димовски кој беше пратеник во македонското Собрание во неколку наврати. Сега Илија на сите дебатни емисии толку ревносно ја брани политиката „ни риба ни девојка” на Мицкоски, небаре ќе му пишат неоправдан од актуелното највисоко раководство на оваа партија.
Исто така мора да се спомене и постојаното барање на предвремени парламентарни избори од страна на Мицкоски. Јасна е идејата и целта на Мицкоски, организирање на брзи предвремени парламентарни избори и доаѓање до победа на нив, на грбот на еуфоријата од победата на локалните избори од пред 4 месеци. Меѓутоа јасно станува дека и признанијата на вина за криминални дејанија на Јанкулоска, Јанакиески и Протуѓер, како и неспособноста на градоначалниците на оваа партија која ја демонстрираат сега за сега (со чест на мали исклучоци), се повеќе го оддалечуваат Мицкоски од неговата тактика за брзи предвремени парламентарни избори.
Сумирајќи ги сите овие работи на едно место, можеме да заклучиме дека иако познатиот антички филозоф Хераклит ја искажал својата најпозната максима „panta rei” (сè тече, сè се менува), уште во античкиот период, во 21 век во 2022 година имаме политичка партија, која не може никако да се огради и да го отргне товарот за олицетворение на криминал и корупција, кои сами си го нанесоа за време на нивното владеење. Па така, постојано нешто се случува, некои размрдувања, некои промени, само врхушката на ВМРО-ДПМНЕ и по 5 години опозиција, сè уште е иста.
Никогаш да не ни се повтори такво авторитарно владеење од било која политичка партија!
Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани