– Можеби оди побавно имплементацијата на ИПА фондовите, меѓутоа не оди лошо. Се финансираат зрели проекти, истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во интервјуто за Фронтлајн, како одговор на прашањето – На кој начин ќе го промени недоволниот успех, што се провлекува со години, во привлекувањето на европски фондови за поддршка на процесите во нашата земја.
„Имаме статистика или податоци кои што укажуваат на пример од втората рамка на ИПА. Тоа е онаа рамка која што важеше до сега, започна од 2013/2014 година до 2021 или 2020. Во тој период имаме контрактирано скоро 90% од помошта. Околу 60% се веќе исплатени средства и реализирани. Тие се спроведуваат неколку години подоцна од тоа што се испрограмирани за таа година. Така што, можеби оди побавно таа имплементација, меѓутоа не оди лошо“, рече Маричиќ.
Тој нагласува дека секогаш може да направиме и повеќе и може да ги искористиме тие средства подобро, па токму затоа, сега во третата ИПА рамка, концептот е поинаков.
„Се финансираат зрели проекти. Остануваат секторите на коишто се дава поддршка меѓутоа исто така и се програмира година за година што и Владата има сериозно влијание во тоа што би се финансирало. Тоа ни дава еден простор да дадеме поддршка на проекти корисни за средините низ државата, низ Северна Македонија и ни дава можност да финансираме веќе проекти за кои што не се потребни години за подготовка или за документација туку максимум една година да бидат доволно созреани, да максимум една година од програмирањето веќе да можат да се имплементираат или да почнат да се имплементираат.“, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот ги издвои како проекти подржани од ИПА што може брзо да се имплементираат: граничниот премин Маркова нога, чистењето на Преспанското и Охридското езеро.
„Еве, на пример, граничниот премин Маркова нога, чистењето на Преспанското езеро, чистењето на повеќе колектори исто така и во Охридското езеро, патните коридори се исто така финансирани од парите на ИПА. Сето тоа се видливи работи, повеќе железнички станици имаме и посебен фонд за Западен Балкан поврзан со инфраструктурата. Значи средства има ние треба само правилно, добро и брзо да ги имплементираме“, рече Маричиќ.
Целото интервју со вицепремиерот Маричиќ: