Пишува: ЉУБИША С. НИКОЛОВСКИ
Владимир Путин владее со Русија триесет години. Еднаш како премиер, па потоа како претседател, па пак како премиер и повторно како претседател, при тоа менувајќи го Уставот според своите потреби.
На тој начин, тој владее подолго од сите руски цареви. Подолго дури и од Петар Велики, царот што животот го посвети на тоа да ја отвори Русија и од неа да направи европска држава. Владимир Путин со војната во Украина ќе ги посипе со пепел сите достигнувања на руската култура, на уметноста, на спортот и на сѐ она што таа го стекна како цивилизациска вредност и национално богатство со векови. Едноставно, ќе ја врати назад во изолација.
Зошто? Затоа што убеден во „својата“ вистина за правото на Русија, си дозволи во името на сите Руси воено да нападне друга, патем братска држава, не водејќи сметка за последиците од тоа. Во Украина гинат луѓе. Илјадници војници и цивили, жени и деца, а милиони ги напуштија своите огништа. Таа човечка трагедија не се заборава лесно и брзо. Можеби никогаш.
А дотогаш, ќе владее ли Владимир Владимирович сè уште со руската земја! Зарем толку многу народот го сака, по толку многу долго владеење? Зарем мајка Русија не роди друг што да го замени Путина. Јалова ли е за умни луѓе! Или пак тој навреме ги „предухитрува“ сите додека не се „испилиле“, пред да му ја земат „круната“.
Сега пак се говори дека Америте се обидуваат да го симнат Путин од власт. Хм, можеби! Но каде ќе најдат друг како него. Колку им пречи, веројатно толку и им одговара. Ако го нема Путин што ќе им е НАТО? Ќе треба да се распушти. Зошто би постоело НАТО, ако нема контра сила поради која тие ќе трошат на вооружување? Ако нема трка во вооружување, ќе нема бизнис.
Значи, не е дека има разлика меѓу тебе товариш Путин и Американците кои ги обвинуваш за империјализам и водење војни без прашање. Тие трошат и ти трошиш, тие продаваат и ти продаваш. Скоро секаде каде што „удри“ САД, влезе и ти, а некаде дури и пред Америка да го стори тоа (Авганистан). На друго место, пак, во Србија, на пример, каде што влезе Америка, ти не влезе, а баш те очекуваа како спасител.
Значи, нема некој друг да го смени Путин од власт, освен руските мајки кои ги зави во црно, испраќајќи ги нивните синови во, за нив неразбирлива, војна. Тоа тие нема никогаш да му го простат. Нема да може тоа Путин со никаква ПР кампања и пропаганда да го сокрие. Лимените сандаци што секојдневно се враќаат од боиштето во Украина се посилни од секоја цензура, од секоја лажна вест, од секоја искривена вистина, од секој лажен патриотизам. Нема да биде доволно да им кажеш на нивните сопруги, мајки и сестри дека тие загинале заради некаков геостратешки баланс на големите сили.
Ова не е Втората светска војна кога за Сталин (и од Сталин) загинаа над дваесет милиони Руси, затоа што тогаш си ја бранеа својата татковина. Тогаш добија слобода, сега што?
Времето овој пат не работи за тебе Владимир Владимирович Путин.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.