Меѓународниот суд на правдата во Хаг (МСП) денеска соопшти дека на 16 март ќе донесе пресуда за тужбата на Украина против Русија, пренесува МИА.
На сослушувањата пред судот на ОН во Хаг се појави само украинската делегација, додека руската страна одлучи да не присуствува на седниците.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова претходно изјави дека претставници на Москва не присуствуваат на седниците на Меѓународниот суд на ОН, „бидејќи прашањето за специјална воена операција во Украина е надвор од нејзина надлежност“.
Во тужбата на Киев се наведува дека тврдењето на Русија дека ја нападнала Украина со цел да спречи геноцид е лажно, а од судиите се бара да ѝ наредат на Русија да го прекине нападот врз Украина.
Што се однесува до евентуалната одговорност и судење на Путин за воени злосторства, неизвесно е дали правдата некогаш ќе биде задоволена, според пишувањето на лондонски Гардијан (2 март). Според весникот, апсењето на Путин би било можно само во држава која ја прифаќа јурисдикцијата на Меѓународниот суд на правдата.







