Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Неверојатни коинциденции се случуваат во животот.
Дента кога беа осудени Савевски и Куновски, в рака ми падна „Кратката историја на едно распаѓање“ од Бранко Тричковски. Генијален писател. Ме привлекоа и насловот и авторот, нема што да кријам. И, што е уште пофрапантно, книгата ја отворив на страницата на која беше поместена колумната за судирот меѓу Ноам Чомски и Мишел Фуко. И меѓу Едгар Џозеф и Љупчо Георгиевски, но, за темата што ја отвори срамната пресуда на Апелациониот суд во Скопје, поважна е полемиката меѓу Фуко и Чомски.
Испадна дека и насловот и авторот пред петнаесетина години укажувале дека по една цигла од распаѓањето на Македонија ќе нѐ удри сите нас, дека никој нема да остане без џумка на главата и дека многумина ќе останат и без глава. Особено ако не ги читаат големите умови кои ги откриваат филозофските, правните и културолошки мотиви, правци и контексти во кои човештвото и Македонија со него, можат да се спасат или да заглават.
Еве еден дел од текстот што беше објавен на 21.08.2007 година:
„Ако правдата е влог во битката, тогаш таа е само инструмент на моќта: таа не се користи затоа што се надеваме дека еден ден, во ова или во некое друго општество, луѓето ќе бидат наградувани за своите заслуги и ќе бидат казнувани за своите прекршоци. Наместо да мислиме на општествената борба во поимите на правдата, ние треба да ја мислиме правдата преку поимите на општествената борба.“
Така, во познатата полемика од 1971 година, Мишел Фуко ја нападна тезата на Ноам Чомски за идеалната правда како целесообразност која може да го оправда кршењето на законите во развојот на општествениот конфликт.
Чомски, како што е познато, сметаше дека „акцијата што ќе ја спречи државата да прави злосторства е оправдана, како што е оправдано да се прекршуваат сообраќајните правила за да се спречи некоја несреќа.“
Фуко сметаше дека пристапот во кој победата е поважна од правдата може да заврши во злосторство еднакво на тоа што ја покренало борбата.
Чомски одговараше дека „палењето на куќата не е незаконски чин, ако идејата на акцијата е да се спречи стрелањето на група луѓе.“
Јас мислам дека Шарената револуција на еден фантастичен начин ги обедини двата погледа на најголемите умови на дваесеттиот век, односно дека тој храбар и велелепен феномен беше акција и процес кои се водеа од идејата да ја спречат државата да прави злосторства, да ја спречат во нејзината омилена дисциплина, таква каква што беше, заробена и приватизирана, узурпирана, од страна на една група што беше решила, не без причина, се разбира, да се вика вмро-дпмне.
Во таа смисла, ние учесниците во таа револуција, бевме чомисти.
Демолирањето на квартирата на лудиот претседател беше дел од напорите да се спречат неговите злосторства, неговото демолирање на правдата, на општеството и на самата држава, да се прекине низата злосторствата што овој лудак го беше изградил како единствена содржина на своите мандати.
Истовремено бевме и фуковисти, затоа што правдата ја мислевме преку поимите на општествената борба. Точно е дека и општествената борба ја мислевме преку поимите на правдата, но во Шарената револуција тие аспекти беа обединети.
Ние не мислевме дека победата е поважна од правдата туку мислевме дека правдата ќе биде исполнување на победата.
Како и кај сите револуции, резултатите беа половични.
Победата во соборувањето на режимот на чипираните идиоти на вмро не се трансформира во освојување на ново ниво на општествената реализација и покрај многуте успеси, а правдата остана недоосвоена, имено, со оглед на воздржаноста да се консумираат резултатите од револуционерната победа.
Но, многу е глупаво тие и такви резултати да се примаат и процесираат како извор на очајувањето и катастрофизмот, како рајцање на страста со која вмронките и вмороните ќе ја уништуваат државата.
Државата и нацијата и општеството се градат низ такви процеси.
Низ тие победи и порази.
И половични резултати.
Да се вратам на Савевски и Куновски.
Тие добија потврди дека учествувале во нешто големо.
Тоа не се обични пресуди.
Во таа смисла, имаат причина да слават.
Неправдата врз нив е последица на тоа што нивната битка за правда не заврши во злосторство.
Тоа се тие наши фуковисти и чомисти.
Во едно.
Нашето правосудство нема минимална филозофска и културолошка подготовка.
Не сакам да тврдам дека е корумпирано.
Ако не е, тогаш уште полошо за нив.
Затоа што само незнаењето и непоткованоста ќе останат извори на нивната срамота.
Еден судија мора да има минимум филозофско, културолошко и социолошко образование. За да може да има поглед на контекстот во кој дели правда и во кој правдата се брани или се нарушува.
Савевски и Куновски се осудени за демолирањето на канцеларијата на Хорхе на Рекорд, а претседателот кој десет години ја демолираше целата држава, нацијата и општеството, претворајќи се себе си и институцијата што ја претставува, во симболични и реални форми на Злото, ќе ужива во доживотните бенефити на глупавиот статус во оглупавената држава. Флеките на неговата кичеста, бесмислена, узурпирана и празна од содржина испостава, ќе ги платат Златко и Владимир, а говната што врз Македонија ги фрлаа тој и вморонскиот режим на неговата злосторничка инсталација, од Триумфекалната капија до Уставниот суд и од разорената историја, до опљачканата сегашност и уништените перспективи, ќе ги платиме ние. Какви се овие фелација од апелација? Кого задоволуваат тие, ако правдата не ја задоволуваат сигурно?
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.