пишува: БОЈАН ПЕТРЕСКИ
Не случајно во овој текст, се решив да ја употребам најпознатата изрека на философот Хераклит “Panta rei” – Сè тече, сè се менува. Токму оваа изрека ја поставувам како појдовна точка за анализа на случувањата на локално и централно ниво во македонското општество, со посебен осврт на постапките на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ.
Следствено на ова, самопрогласените наследници на историското ВМРО на Кичевскиот конгрес 1995 година, неколку пати во денот, не ни дозволуваат ни малку да заборавиме на нивното 11 ипол годишно владеење. Па така, политичката партија ВМРО-ДПМНЕ која е симбол на корупцијата и криминалот во нашата држава заради сите проневери кои нивните членови ги направија додека беа на власт на локално ниво преку нивните градоначалници, најпластично успева да ни покаже дека тоа е истата политичка партија која е испишана со црни букви во македонската историја. За да не ги заборавиме нивните шерифски однесувања на централно ниво во општеството се погрижуваат лидерот Христијан Мицкоски и портпаролите на партијата Арсовски и Стоилковски.
Кога сме кај констатацијата дека се работи за непроменетата политичка партија која во извесен период и го донесе епитетот заробена држава на Северна Македонија, најдобар показател за заробување на институциите и нанесување нивна нулта функционалност се градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, најголема партизација на органите на локалната самоуправа и најмала ефикасност во нивното делување е констатирана во органите на локалната самоуправа во градот Скопје како и во самиот Град Скопје предводен од Дан(и)ела Арсовска. Нивните програми се одликуваа со сериозни проекти за кои граѓаните ширум цела држава, а посебно во општините во град Скопје и Град Скопје, им ја дадоа довербата за реализација на програмите. Токму затоа, после нешто помалку од пет месеци власт на локално ниво на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните веќе сериозно се каат што им ја дадоа довербата за реализација на нивните програми. И токму овие креатори и презентери на тие програми, сега веќе градоначалници, уште тогаш знаеја дека најголем дел од нивните програми се неостварливи.
Анализирајќи ги градоначалниците на најголемите скопски општини, вклучително и Град Скопје каде власт скоро 5 месеци е ВМРО-ДПМНЕ, може да заклучиме дека:
Општина Кисела Вода предводена од Орце Ѓорѓиевски нема ниту еден нов проект до сега. Хигиената е на најниско ниво во општината, капитални проекти нема, асфалтирање на улици нема, нови игралишта нема, нови детски катчиња нема. Единствено нешто што го има во општина Кисела Вода е згрижување на партиски кадри во општината, односно издвојување 100.000 евра за роднински и партиски вработувања. Исто така има барање за помош од Владата, кое во најмала рака е цинично бидејќи огромни средства се трошат на партиски вработувања.
Општина Аеродром предводена од Тимчо Муцунски за нешто помалку од 5 месеци има поставено еден нов лежечки полицаец и хотели за пчели. Па така, општината предводена од Муцунски се гуши во смет и во нелегално узурпирани паркинг простори од страна на возачите. Имајќи предвид дека Аеродром е една од најзагадените општини во Северна Македонија, одговорните личности не помислуваат со тоа да се занимаваат барем за сега. Нови капитални проекти нема, додека пак единственото асфалтирање е на пешачките патеки долж булеварот Видое Смилевски Бато во Ново Лисиче. Исто така Тимчо пред само неколку дена, измеша и политика и спорт, па така после завршувањето на спортскиот натпревар помеѓу Вардар и Елверум, имал средба со ракометарите во соблекувалната, на која ветил дека ќе продолжи да се грижи за клубот небаре станува збор за негов приватен клуб. Нови игралишта и детски катчиња исто така нема.
Општина Гази Баба предводена од Бобан Стефковски ја тресат скандали. Откриено незаконско назначување на ревизори, како и незаконско разрешување на директорка на детска градинка, која по добиената парница е вратена назад на работа. Исто така во Гази Баба имаме бркање на 15 досегашни кадри на општината во еден ден, се со цел згрижување на блиски личности до градоначалникот.
Општина Бутел предводена од Дарко Костовски засега нема намера да ги решава најгорливите проблеми на бутелчани. Исто како Муцунски, и Костовски на грбот на македонскиот олимпиец гради кариера во политиката. Нови проекти ниту во Бутел нема.
Општина Ѓорче Петров предводена од Александар Стојкоски до сега нема ниту едно асфалтирање на улици како време на градоначалникот од СДСМ, а пак за кружни текови како оној во Волково изграден и пуштен во употреба за време на СДСМ, да не правиме муабет. Исто така капитални проекти од типот на нови градинки, детски забавни катчиња итн. не се ни на повидок. За градоначалникот на Ѓорче пошироката јавност дозна кога се кандидираше за градоначалник бидејќи до тогаш беше целосно непозната личност.
Општина Карпош предводена од Стевче Јакимовски кој единствен од плеадата градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Скопје, собра храброст да и се спротивстави на Арсовска, сака на широката површина исполнета со зеленило и мултифункционално детско катче во Влае, да прави неколку катници, црква и уште некој објект загушувајќи го единствениот поширок слободен простор во оваа населба. Истиот тој Стевче се скара со Дан(и)ела Арсовска околу тоа во кои контејнери карпошани да фрлаат ѓубре, дали во оние на ЈП Комунална Хигиена – Скопје или пак во оние на општина Карпош. Асфалтирање улици, нови детски катчиња, изградба на градинки и останати капитални проекти освен згради и црква, засега Јакимовски нема во план.
И за крај Град Скопје предводен од најконтроверзниот градоначалник до сега, Дан(и)ела Арсовска. Изгубената и во простор и во време Арсовска нема ниту идеја, ниту цел, ниту пак некаква реализација до сега. Нејзините достигнувања за овие не полни 5 месеци власт во Град Скопје се стопирани булевари, стопирана универзална сала, борба со загаден воздух = 0, барања за помош од Владата за решавање на проблемот со парното во Скопје, стопиран проект за БРТ, нови автобуси нема, бесплатен градски автобуски превоз нема. Арсовска во град Скопје донесе и арогантност на највисоко ниво, комуникација со новинари = 0. Арсовска го стопираше и рушењето на галијата во скопски Вардар за која има извршно решение за рушење. И за крај токму оваа „способна” градоначалничка Арсовска и дава ултиматуми на Владата како претседателка на ЗЕЛС, дека ако Владата не им помогнела на општините ќе го радикализирала ЗЕЛС. И уште десетици попатни глупости направени до сега.
Додека пак, кога станува збор за централната политика на ВМРО-ДПМНЕ, можеме да издвоиме неколку моменти од нивните дејствија. Имено, докази дека ништо не е променето во оваа партија има многу, но ќе претставиме само еден дел од нивните постапки.
Оваа политичка партија во услови на најголема светска економска, енергетска и здравствена криза до сега, не собра храброст конструктивно да делува со предлози во Собранието,како и во работни групи за креирање на антикризни мерки, за кои доби уредна покана од Владата. Во вакви услови, оваа партија на граѓаните им покажа во вистинско светло како се закочува Собранието и како се закочува експресното усвојување на антикризните пакети наменети за граѓаните чии предлагач беше Владата. Оваа политичка партија го попречува и изгласувањето на уставните судии во Собранието, кои ако не се изгласаат што побрзо, државата запаѓа во уште една криза.
Исто така тоа е политичката партија која немаше јасен став и јасно повикување на масовна имунизација на граѓаните против КОВИД-19. Единствено нешто што правеше беа обвинувања дека во Северна Македонија не се набавени доволен број на вакцини што беше тотално погрешно бидејќи се докажа спротивното на крајот. Секако нивните несоодветни критики кон министерството за здравство и службите во него, беа толку жестоки што небаре се работи за здравствена криза само во нашата држава.
Критиките не изостанаа ниту за енергетската криза која ја почувствува и Северна Македонија. Имено, станува збор за светска енергетска криза каде секому треба да му биде јасно дека Владата не е таа која ја диктира цената на горивата, туку Регулаторната Комисија за Енергетика. И сепак, покрај сите покачувања и варијации на цените на горивата, граѓаните на Северна Македонија и понатаму точат гориво по најниски цени во регионот исто како и до сега.
И сосема на крајот, нешто кое мора да се спомене е целосно арогантниот и некултурен однос од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и портпаролите на оваа партија. Истиот тој Мицкоски кој во услови на најголем број на заразени од ковид-пандемијата одеше по теретани и се веселеше со музика по верски објекти, обвинува за наводно енормно збогатување на сегашни функционери од власта. Всушност, Мицкоски е тој кој како директор на ЕЛЕМ енормно се збогати од неговото директорување. Мицкоски е тој кој е претседател на најкорумпираната политичка партија во Европа. И да, Мицкоски е тој кој дава одобрение за попречување и упади во прес-конференциите на портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски, кој секојдневно ги разобличува криминалите на челниците во ВМРО-ДПМНЕ.
Еве ова е накратко непроменетото ВМРО-ДПМНЕ. Ова е накратко политичката партија која никако не може да се огради од криминалните постапки на нивниот почесен претседател и бегалец во Будимпешта, Никола Груевски.
Никогаш да не се повтори тоа мрачно минато!