Му стана правило после секое судење за предметите во кои е обвинет, Никола Груевски да дели правни лекции на социјалните мрежи. Постојано обвинува како го местат сите, и судот, и обвинителството, но сега и неговите соработници и пријатели. Но, ако ги оставиме на страна неговите политички квалификации дека власта на СДСМ му се одмаздува и се посветиме само на она што сака да го наметне како правна дилема тогаш тврдењата на Груевски се легитимен пат до неговата слобода, само му фали уште да допатува во Скопје и невиноста да ја докаже пред судот.
Во последната негова објава за предметот „Плацеви на Водно“ тој прави анализа на контрадикторните изјави на кумот Ристо Новачевски, но и на Орце Камчев. Тие двајца пред судот ја открија вмешаноста на Груевски во милионскиот скандал со земјиштето на Водно и го посочија како главен виновник во играта за освојување на имотот. Но, Груевски тврди дека тие станале соработници на власта со цел да му сместат затворска пресуда, па затоа имале изјави поинакви од претходно.
Ако обвинетите Новачевски и Камчев имаат спротивставени излагања пред судско- обвинителските власти тогаш Груевски има еден аргумент на негова страна. Ако нивните изјави насочуваат кон тоа дека Груевски сакал да има градежна фирма и сакал да си изгради куќа на Водно, а при тоа го споменуваат Алек Теранова како еден од вклучените и важни играчи на Груевски, кој пак имаше изјава пред судот дека Груевски немал поврзаност со извесна градежна фирма и со земјиштето, тогаш Груевски има уште еден аргумент. Ако Новачевски излажал во судница дека нему му било понудено од Груевски да биде управител на градежната фирма, ете уште еден аргумент.
Потоа, Груевски ја смета за лага и изјавата на Камчев дека земјиштето го купил, но на Груевски му отстапил три апартмани. Ова лесно се докажува пред суд, дали некој трампал нешто со некого, па ако Груевски е во право со тоа што го изнесува дека нема поим за становите и дека тие не постојат, он има уште еден аргумент за во судница. Во претходни постови на социјалните мрежи Груевски постојано се обидува својата вистина да ја наметне како единствена. И ако навистина му е таква тогаш зошто живее во Будимпешта, зошто не дојде и не ги изнесе доказите што го има. Лесно изгледа од страна да се брани на Фејсбук, но ако сето што го пишува е вистина тогаш лесно ќе му биде и пред судот.
Од друга страна Груевски знае дека ако се појави на судењата тие процеси ќе бидат уште поинтензивно следени од новинарите, граѓаните ќе имаат поголем увид во судските постапки и ако обвинителството нема докази, односно Груевски има во прилог на својата слобода, јасно ќе и стане и на јавноста дека постои политички прогон и дека му се суди без докази. Но вака, од далеку да се одредуваат квалификации, а да не се појавува пред судот е само мудрување во своја полза, а не правно докажување на невиноста. Затоа, наместо да се прави сезнајко на тастатура, на Груевски му е попаметно да се одбрани во судница, особено ако се што пишува е вистина, тогаш слободата му е загарантирана.
Д. Е.