пишува: ЉУБИША НИКОЛОВСКИ
„Жешка пролет-што планира опозицијата?“ беше насловот на емисијата на Клик плус на ТВ 21 во која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ требаше на своите приврзаници и на пошироката јавност да ѝ соопшти каква пролет ќе им донесе на македонските граѓани, со какви идеи ќе го подобри животот на граѓаните. Тоа не би требало да е тешко, нели, ако се има предвид дека „ништо во државава не чини“, како што тој тврди.
И по два часа внимателно следење на разговорот, напнато очекувавме конкретни планови и програми како Мицковски ќе ја среди енергетската криза со која се сочува не само Македонија туку целиот свет во светлина на руската агресија на Украина. Но ништо од тоа не се случи.
Напротив, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во негов стил, говореше за тоа што требала да направи- власта.
Според Мицковски Македонија требало досега да се ослободи од рускиот гас!! Праша до каде е со интерконекторот во Александропулис и рече дека доколку Владата сакала да се ослободи од зависноста од руски гас требала да направи нешто досега.
Христијан Мицковски не е човек кој не се разбира во енергетика, па оттаму ваквиот неиздржан коментар само покажува дека тој не може да се ослободи од политизација на своите ставови дури и кога од него говори професор и искусен енергетски прагматичар.
Имено она што тој и го забележува на власта, дека требала да направи нешто досега всушност како да и забележува на ЕУ што тоа не го направила досега. Затоа што Македонија е само еден мал сегмент во светската зависност од руските енергенси.
Она што македонската дипломатија успеа да издејствува, благодарение на стратегијата за справување со последиците од војната и енергетската криза приклонувајќи се кон заедничките мерки на санкции кон Русија, е земјава да биде вклучена во Платформата за заедничко купување течен гас (LNG) и хидроген што го договорија ЕУ и Соединетите Американски Држави (САД).
Снабдувањето со природен гас беше главна тема и на состанокот на разговорите на Македонско-бугарската работна група што се одржа во Скопје. Се разговараше за продолжување на интерконекторот Петрич – Струмица до ТЕЦ Неготино преку ревидирање на посточеката студија, како долгорочно решение за набавка на гас во земјава.
Мицковски исто така заборава (намерно) дека лани во јули Министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за животна средина и енергија на Република Грција, Костас Скрекас во Атина го потпишаа Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Грција за развој на интерконекцијата за пренос на природен гас Грција-Северна Македонија.
До каде е со изградбата на интерконекторот треба да се праша Грција. Но македонска инвестиција во гасна централа и гасен терминал во Грција е за долгорочна енергетска стабилност. Северна Македонија и официјално влегува во големата енергетска постројка во Александрополис преку која ќе се обезбедува природен гас кој доаѓа од Азербејџан, односно течен гас од САД и други земји.
Овој мега енергетски проект до 2023 година треба да обезбеди складирање и гасификација на течниот природен гас со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри.
Оттаму не е прашањето што направила оваа власт досега за да се ослободи од руската зависност со гас, туку што реално можела да направи Европа за да се намали руската енергетска зависност.
Но земјите во регионот имаат можеби побрзо излезно решение и од земјите членки на Унијата.
Според некои анализи до крајот на јуни, Бугарија треба да стане пионер во Европа, станувајќи една од првите земји што ја прекина својата енергетска зависност од Русија. Проектот ИГБ е гасовод што ќе се протега 113 милји од Комотини, Грција, до Стара Загора, Бугарија.
Уште на почетокот на годината бугарскиот премиер предложи единствен пазар за трговија со гас на Балканот, а за оваа идеја треба да се обединат Бугарија, Србија, Македонија и Грција.
Северна Македонија ќе биде втората држава во регионот која со интерконекторот Александропулис една година по Бугарија ќе се позиционира како регионален центар за снабдување со гас на земјите во регионот на Југоисточна Европа и очигледно, за нашата национална економија ќе значи диверзифицирани извори на енергија и поттикнување на конкурентноста. Вицепремиерот Фатмир Битиќи најави дека се планираат интерконектори и со другите соседни земји, како што се Косово, Србија и Албанија.
Очигледно тоа е посложен процес за пошироката европска заедница која сега во време на руската агресија врз Украина бара начин како да најде соодветно решение. Можеби Мицковски има решение но не го понуди на јавноста иако можеби ќе беше од корист и за земјите членки на ЕУ. А темата на интервјуто беше токму тоа: Што планира опозицијата?