Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска најави дека ќе има нова средба со Здруженијата на родители на деца со попреченост и притоа истакна оти има можност одредени нивни барања да бидат прифатени.
-Работиме, дијалогот со продолжува. Да, најавен е протест на 5 април пред Влада, ќе се сретнам повторно со претставниците на овие здруженија се со цел да им излеземе во пресрет. Има можност одредени нивни барања да бидат прифатени и реализирани во периодот што доаѓа од страна на Министерството за труд и социјална политика, како во делот на правата така и во делот на услугите – зголемување на посебниот додаток на децата со попреченост, ослободување од партиципација и над 26-годишна возраст… Имаат и други барања коишто се дел во ресорот здравство, дел се во МТСП, меѓутоа, најголем дел се реални и прифатливи за Министерството за труд и социјална политика, изјави Тренчевска во одговор на новинарско прашање.
Таа вели дека со социјалната реформа во 2019 година се воспоставени нови права и социјални услуги за лица со попреченост, а и одредени права за родителите што имаат деца со попреченост.
Тренчевска потсети дека минатата недела имала неколку состаноци со здруженијата на родители на деца со попреченост и оти и тогаш разговарале што може Владата и МТСП во наредниот период да направи за да им ги подобри условите и на децата со попреченост, меѓутоа генерално и на сите лица со попреченост, како и на родителите кои што имаат деца со попреченост./МИА/.






