РИБАРО
Во непознат правец одлетал двоглавиот орел од спомен кулата во Слупчане, кој беше свечено откриен од Али Ахмети и свитата од ДУИ, јавуваат за АХА изворите од Липково.
Екипата на АХА, успеа да обезбеди ексклузивна изјава од двоглавиот орел, за причините од кои тој се решил на таков екстремен потег.
„Види брат, најискрено да ти кажам, ми се смачи од што ме злоупотребуваат. Мојата симболика е многу поинаква од оваа што ја наметнуваат, искривуваат и си ја присвојува кој како стигне. Поголема е и благородна. Јас како што знаеш имам пред сè културолошки карактер – да обединувам. Друга работа – како црн двоглав орел се користам за покажување на идентитетот на сите Албанци, а не како симбол на туѓа земја и секако не како територијална претензија, ама ставен во безвеза контекст како сега на кулана во Слупчане, како да ти кажам, не ме личи. Не можев повеќе да издржам и зедов одлетав. Се мислев пред тоа, да им објаснам, ама на кого бе си реков и се откажав. Тоа е.
А можеа многу поинаку да ја изведат целата работа. Ако навистина како што вика Ахмети овој споменик не нѐ дели, туку нѐ обединува, тогаш наместо да ме топорат мене каде ќе стигнат, можеа еден обелиск без мене. или некој универзален симбол на заедништво да истакнат. Нешто што ќе го слави минатот, но пред се, ќе ја симболизира иднината, заедничката иднина на сите тука.
Вака, со моја злоупотреба, Едно општество за сите, е мој драг Али, не се гради.
Знаеш што најмногу ми е мака? Со злонамерно силење на мене како симбол, направија луѓето да ме гледаат поинаку од тоа што ми е историската улога. Ме вулгаризира кој каде ќе стигне: на стометарски јарболи, до дивјачки навијачки транспаренти, пијани свадбари со пукотници, певаљки, кљошари, српски мисици… Искрено, најмногу за тоа ми е жал. Не ми се зборува. Многу сум разочаран брат. Ми прекипе!“, изјави двоглавиот орел за АХА и одлета во небесните широчини.
пс. Од толку што им е грижа, мислам дека нема ни да забележат дека ме нема на кулата, додаде преку СМС двоглавиот црн орел.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK