Алексеј Навални ќе биде префрлен во строга режимска колонија ИК-6 во Мелехово во Владимирската област. Ова е објавено на неговите социјални мрежи, пренесува RTVI.
„Мојата казна се уште не е стапена во сила, но затворениците од колонијата на строгиот режим Мелехово пишуваат дека таму ми опремуваат „затвор во затвор“. Велат дека ако го прогуглате Мелехово, ќе видите приказни на осуденици за тоа како таму се вадат нокти“, се цитираат зборовите на Навални во пораката.
Немаше официјални информации за трансферот на политичарот во ИК-6.
Прес-секретарот на Навални, Кира Јармиш, коментирајќи ја објавата на политичарот на социјалните мрежи, истакна дека „малтретирањето и тортурата се користат врз затворениците во многу руски затвори, но ИК-6 Мелехово е монструозно место дури и според такви луди стандарди.“ Во исто време, таа објави избор на медиумски публикации за случаите на насилство во оваа колонија.
„Мелехово е строга режимска колонија. Условите таму се веќе полоши отколку во другите затвори: помалку пакети, помалку посети. Тоа е еден од најлошите руски затвори“, напиша Јармиш.
Кривична постапка против Навални
На крајот на март, Алексеј Навални беше осуден на девет години во колонија на строг режим со парична казна од 1,2 милиони рубли. Тој беше прогласен за виновен за измама со донации и непочитување на судот. Дополнително, судот му одреди на Навални една и пол година ограничување на слободата.
Според истражителите, Навални во 2018 година одржал „фиктивна претседателска номинација“ и собирал донации од неговите поддржувачи, а потоа, заедно со неговите соработници, ги потрошил за лични потреби. Првично, истрагата тврдеше дека политичарот, под маската на борбата против корупцијата, наводно потрошил повеќе од 356 милиони рубли за свои потреби, кои биле собрани за работата на неговата организација. Сепак, на состанокот во средината на февруари беше објавено дека опозиционерот украл донации во вредност од околу 2,7 милиони рубљи.
Покрај тоа, Навални беше прогласен за виновен за навреда на учесниците во процесот и судијата Вера Акимова.
Самиот Навални, кој отслужува казна во случајот Ив Рошер од февруари 2021 година, ги негираше обвинувањата за измама. Материјалите од кривичното дело ги нарече монтирани и докажуваат транспарентност на работата на Антикорупциската фондација (ФБК) *, а обвинувањата за навреда на судот ги оцени како егзотични. Навални нарече некои сведоци на обвинителството лажни и заплашени.
* прогласена како екстремистичка организација и забранета во Русија.
Превод: Жорж Димовски













































































































