Откако Општина Карпош донесе одлука да не се примаат деца во градинките на нејзината територија од други општини и веќе запишаните да бидат испишани до 10 јуни, Фронтлајн се обрати до Министерството за труд и социјална политика од каде посочија дека јавните детски градинки се основани од страна на советот на општините и дека согласно Законот за заштита на децата, детската градинка запишува и прима деца врз основа на пријави преку целата година. Во објасувањето на МТСП се вели дека „поблиските критериуми за прием на деца во градинката ги утврдува управниот одбор на градинката во согласност со Советот на општината и Советот на општината во градот Скопје.
Како што велат од ресорното министерство, правата и обврските на градинката и корисниците на услугите се уредуваат со договор, со кој особено се регулираат меѓусебните односи на давателот и корисникот на услугата, квалитетот на услугата, начинот на плаќањето, изборот на програмата, должината на престојот на детето во установата и други прашања во поглед на заштита на детето и дејноста на градинката.
„Во конкретниот случај најпрво треба да се утврди кога договорот истекува, па доколку се работи за раскинување на договор пред истек на рок потребно е да се имаат во предвид одредбите од Законот за облигациони односи (раскинување на договор пред истекoт на рокот)“, пишува во одговорот на МТСП за Фронтлајн.
Во одговорот на МТСП, сепак се вели дека „не е педагошки децата кои веќе ги посетуваат градинките да се отстранат од воспитните групи и од градинката, а општината Карпош може да ограничи прием и упис на нови деца од други општини“.
„Бидејќи децата кои се примени во предучилишните установи во општина Карпош, а се од други општини, уредно се примени од страна на јавните установи за што родителите и установите склучиле важечки договори, веќе посетуваат градинка подолг период некои и од раѓање, и сметаме дека не е педагошки да се отстранат од воспитните групите групи и од градинката, а општината Карпош може да ограничи прием и упис на нови деца од други општини“, пишува во одговорот на МТСП за Фронтлајн.
Како што веќе кажа градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, одлуката за оваа постапка била најавена пред шест месеци и додаде дека истата мора да спроведе поради тоа што над 300 деца од Општина Карпош чекаат да бидат примени во градинките на оваа општина, а повеќе од 200 деца од Општина Ѓорче Петров се згрижени во градинки во Карпош.
„Дури 306 деца од Карпош чекаат место, а местото им го земаат 200 деца од Ѓорче Петров, изјави Стевчо Јакимовски – Градоначалник на Карпош.
Веќе неколку денови до медиумите пристигнуваат мејлови од загрижени родители, кои побараа овој проблем да биде решен од градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, општина од која над 200 деца се згрижени во Општина Карпош.
„Бидејќи поголемиот број деца се токму од оваа општина како што изјави градоначалникот на Карпош, јавно го повикуваме градоначалникот на Ѓорче Петров како планира да го реши овој проблем. Неговите вработени нè известија дека листите за чекање се долги и дека најубаво е да се проба „да се фатат врски“. Го замолуваме покрај решението да даде и официјално насоки каде тие врски да ги фатиме и како овој процес да го објасниме на нашите деца“, пишува во реакцијата.
За актуелниот проблем, Фронтлајн побара објаснувања и од Општина Ѓорче Петров, но до моментот на објавување на текстот, одговори не добивме.
Фронтлајн исто така упати прашање до МТСП во врска со детската градинка во Волково чиешто пуштање во употреба се пролонгираше.
„Во тек се финалните градежни активности и партерно уредување на истата. По нивно завршување градинката треба да добие решение за технички прием, по што ќе биде ставена во функција“, велат од МТСП.
За ова прашање, исто така, не добивме одговор од Општина Ѓорче Петров.
И.Зафировска / М. Ацковска