РИБАРО
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска не се појавува на седници на Град Скопје, а никој воопшто и не знае каде е Арсовска и зошто не се појавува на седниците, тврдат дел од советниците, за АХА.
Тие велат дека речиси еден месец ја чекале Арсовска да ги удостои со одговор дали ќе се појави на седниците на Град Скопје и ќе одговори на нивните прашања, но одговор нема. Советниците велат за АХА дека се загрижени и дека мора да се преземе нешто конкретно.
После ова, активисти загрижени за Арсовска, како што информираат за АХА, решиле да спроведат иницијатива – акција за наоѓање на загубената градоначалничка на Град Скопје.
„Мора нешто да ѝ се случило на госпоѓата Арсовска. Таа е инаку совесна функционерка. Затоа ја покренавме акцијата за нејзино наоѓање. Се надеваме дека Градот, советниците и граѓаните некако ќе се снајдат и во нејзино отсуство, но мора да ја пронајдеме, зашто нејзините квалитетни менаџерски способности му се насушно потребни на Градот. Апелираме до сите граѓани на Скопје и околината да помогнат во нејзино наоѓање“, истакна во изјава за АХА активист од иницијативата.
Од Изгубено-најдено за АХА, велат дека досега немаат дојава за изгубената Арсовска, но се надеваат дека акцијата ќе биде успешна.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK