ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ПОЛИТИКА

СПЦ ја одобри и благослови, а Фанар треба да ја потврди автокефалноста на МПЦ-ОА

May 26, 2022 07:53
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ОПШТЕСТВО, ПОЛИТИКА
Share on FacebookShare on Twitter

Позитивни сигнали пристигнаа од Цариград и од Москва по добиениот благослов од СПЦ за автокефален статус на МПЦ-ОА. За Вселенската патријаршија, отстранувањето на 55 годишната шизма е историски момент, а за РПЦ радосен настан што бил чекан многу години.

– Историски момент е што шизмата која траеше речиси шест децении, по иницијатива на Вселенската патријаршија, заврши, беше отстранета и влегуваме во нов период, оцени вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Тој посочи дека уште пред одлуката на Вселенската патријаршија за прифаќање на Охридската архиепископија во канонска и евхаристиска заедница постоел дијалог меѓу црквите на Северна Македонија и Србија.

– Во изминатиот период, пред нашата одлука, беше започнат дијалог со Црквата на Скопје, но нашата одлука ѝ олесни на Црквата на Србија и во четвртокот на 19 мај, неговото блаженство патријархот Порфириј, поглаварот на СПЦ го покани поглаварот на Охридската црква и имаа заедничка литургија во Белград. Ова нè исполнува со задоволство. Тоа е историски момент. Една шизма што траеше околу шест децении, по иницијатива на Вселенската патријаршија, заврши, беше отстранета и влегуваме во нов период. Оваа заедничка литургија на 19 мај, Србија ја нарече литургија за помирување и драго ни е за овие случувања, рече вселенскиот патријарх во интервју за грчката телевизија ЕРТ и изрази задоволство од последните случувања во црковното прашање.

Вартоломеј, како што јави дописничката на МИА од Атина, во интервјуто објаснува дека конкретното прашање со шизмата, многу години било во фокусот на Патријаршијата, а доста често доаѓале делегации од „Црквата на Северна Македонија“ за консултации, но и барања од политичкото раководство.

Тој посочи дека по „апелациското прибегнување (еклитон) на таа црква кон мајката црква, која според одлуката на четвртиот екуменски собор на Халкидон го има ова неотуѓиво право да одлучува за такви случаи на највисоко ниво“, била отстранета шизмата.

– Врз оснава на овој еклитон ја отстранивме шизмата, прогласивме дека влегуваме во евхаристиска заедница со нив. Ја нарековме нивната црква Охридска архиепископија, го исклучивме терминот „македонска црква“ и било каков изведен збор од зборот „Македонија“. Ги ограничивме границите на јурисдикцијата во границите на територијата на Северна Македонија, како што се вика денес и сите дополнителни административни прашања ѝ ги доделивме на Светата црква на Србија, со предуслов, овие останати работи да бидат врз основа на светоканонскиот чин и вековните пракси на целата православна црква, истакна вселенскиот патријарх.

Српската црква, според него, постапила правилно да се придружува кон одлуката на Вселенската патријаршија.

За Руската православна црква „признавањето на автокефалноста на Црквата во Северна Македонија од страна на Српската православна црква“ е радосен настан, за кој се очекува да се разговара на следниот состанок на Светиот синод.

– Се радуваме заедно со нашите браќа Срби и Македонци. Овој настан го чекавме многу години. И сега дојде часот на Божјата волја. Верувам дека Светиот синод на Руската православна црква ќе даде соодветен одговор на својот следен состанок, изјави заменик-претседателот на Одделот за надворешни односи на Московската патријаршија, протојереј Николај Балашов.

Засега нема официјални реакции од другите помесни цркви по обзнанувањето на српскиот патријарх Порфириј на заедничката ариерејска литургија во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, дека Светиот архиерејски собор на СПЦ едногласно решил да го признае автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридската архиепископија.

Патријархот Порфириј истакна дека за оваа одлука ќе бидат известени сите помесни православни цркви според каконскиот ред, со повик да го прифатат афтокефалниот статус на МПЦ-ОА.

Црковни аналитичари оценуваат дека иако одлуката предизвикала изненадување во православниот свет, сепак била очекувана, особено по засилениот ангажман на Вселенската патријаршија и сметаат дека ќе биде прифатена од другите помесни цркви.

– Бугарската православна црква ќе мора да ја признае македонската како една од многуте православни цркви во светот, а не како единствената со која има директно заедничко историско минато, бидејќи шансите за тоа се пропуштени, смета црковниот аналитичар и историчар Горан Благоев.

Тој оценува дека речиси никој во православниот свет нема да биде импресиониран од претензиите на Бугарија за името Охридска архиепископија, и оти ќе биде прифатено она што го диктира и одредува Цариградскиот патријарх. Она што се случи со МПЦ, според него, е очекувано, особено откако Бугарската православна црква во 2019 година одби да се заложи да го поддржи решавањето на македонскиот црковен случај. Откако бугарскиот Синод немаше ниту овластување ниту потенцијал да го стори тоа, работите природно дојдоа до она што се случи – српскиот патријарх Порфириј во Скопје објави дека СПЦ и дава автокефалност МПЦ-ОА.

Пристапот и односот на Бугарија во однос на ова прашање, смета Благоев, треба да биде многу деликатен, бидејќи Софија веќе огорчила доволно луѓе во земјава со болокадата на влезот во ЕУ.

Медиумите во Србија позитивно ја оценуваат одлуката на СПЦ. Нова.рс пренесува изјава на неименуван претставник на Патријаршијата во Белград кој вели дека „тоа било единственото исправно решение, кое и одговара на СПЦ, но и на браќата во Македонија“.

– Враќањето на канонското единство на Охридската архиепископија беше неопходен чекор кон признавањето на автокефалноста на МПЦ. На учесниците на Соборот им беше пренесена пораката дека браќата од Македонија жалат за начинот на кој е предизвикан расколот во 1967 година и дека нивните претходници на погрешен начин се обиделе да се изборат за автокефалност. Истовремено, беше испратено барање Српската православна црква да ја признае Македонската православна црква, на што беше позитивно одговорено, вели претставникот на Српската патријаршија.

Одлуката била строго чувана тајна и учесниците на Светиот архиерејски собор на СПЦ се согласиле таа да биде соопштена од патријархот Порфириј на литургијата во Скопје. Затоа, оваа информација изостанала во официјалното соопштение на СПЦ, објавено по завршувањето на архиерејскиот собор.

Продолжуваат и позитивните политички реакции и настојувања за конечно решавање на македонското црковно прашање.

Претседателот Стево Пендаровски вчера телефонски разговарал со српскиот патријарх Порфириј, по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, му се заблагодарил на патријархот за одлуката од соборот на СПЦ за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА, оценувајќи ја како можност за градење нови релации меѓу македонската и српската православна црква и надминување на горчливите теми од минатото.

Пендаровски изразил надеж дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, на средба со поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, лично му честита  за одлуката за стекнување автокефален статус со кој МПЦ-ОА се прифаќа како еднаква со другите сестрински цркви во православната заедница. Ковачевски упати честитики и до „верниот македонски народ на трпеливоста и на истрајноста, на вербата дека заслужуваат да го дочекаат денот кога ќе бидат прифатени во љубов и кога ќе се радуваат на возобновена Охридската архиепископија во лицето на МПЦ како еднаква и официјално прифатена во заедницата православни цркви“.

Со оваа канонски исправна одлука, посочи премиерот, со радост и без најмала воздржаност ќе ја дочекаме заедничката служба со претставниците на останатите православни цркви во седиштето на Цариградската патријаршија со која ќе се прифати МПЦ-ОА како рамноправна сестринска црква.

Г. г. Стефан на заедничка литургија со патријархот Порфириј во Соборниот храм обзнани дека Вселенската патријаршија ја прифатила молбата на МПЦ-ОА за сослужение што ќе се одржи во храмот во Фанар на роденденот Црквата, на празникот Педесетница (12 јуни).

Во меѓувреме, синодите на МПЦ и на СПЦ треба да ги разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт, како и очекуваниот томос од Вселенската патријаршија за автокефалност на Охридската архиепископија. /MИА/. 

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Судир на полицијата со демонстрантите во Белград. Фото: Скриншот, Н1

„SafeJournalists“: Ситуацијата е надвор од контрола – бараме итна заштита на медиумските работници во Србија

July 3, 2025
Фото: Укринформ

Осум загинати во нови руски напади врз Украина

July 3, 2025

Сиљановска Давкова околу усвојувањето на извештајот во ЕП, вели „се е можно да се случи“

July 3, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Забрчанец: Имавме серија потврди за македонскиот идентитет од 2017 до 2024 – дали иницијативите на Мицкоски се осмислени за да не успеат?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Српската полиција тепа студенти пред Правниот факултет во Белград, блокади во голем број градови

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Апсења со смртни последици, рации, претепани и крвави осомничени, соборен патнички авион – како се влошија односите меѓу Русија и Азербејџан

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Александра Наќева Ружин нов претседател на Советот на амбасадори

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Скопје како зона без контрола: Убиен пешак, нападната пратеничка, автобус во пламен – државата го губи компасот

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk