Важни дискусии се водат последните месеци, за најважните прашања за Европа: Војната во Украина, безбедноста и стабилноста на Европа и импактот на војната врз перспективата на Западен Балкан. Самитот на Демократијата во Југоисточна Европа, посветен на „Војната во Европа: Влијание на Балканот“, во организација на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), започна со кратки изјави за медиумите, известува преку објава на Фејсбук вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Тој на Самитот во Црна Гора, како што вели, истакнал дека руската агресија во Украина даде можност Европската Унија да ја потврди својата цел, дека е европски проект, исполнет со мир, демократија и безбедност, проект за просперитет, за економски развој и соработка.
„Вистински и реален момент е ЕУ да демонстрира лидерство, лидерство во Украина, но и лидерство во Западен Балкан. Време да се започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија. Испорачавме сите заедно со важни и тешки реформи, иницијатори сме на регионална соработка да покажеме дека можеме да функционираме на темелите на европските вредности и знаеме како да направиме позитивни промени во нашите земји.
Верувам дека ќе имаме конструктивна и плодна панел дискусија на тема: „Променливата политичка и безбедносна динамика во Западен Балкан“, заедно со премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ, претставникот на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан, Мирослав Лајчак, Курт Волкер, поранешен САД амбасадорот во НАТО и поранешен специјален претставник за Украина, и Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан“, пишува вицепремиерот Маричиќ.