пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Информацијата од ЕПП гласи вака: „Европската народна партија (ЕПП) на својот конгрес што се одржа во изминатите два дена во Ротердам, Холандија, освен што избра ново раководство на чело со германскиот европратеник Манфред Вебер, усвои и повеќе резолуции од кои една е и за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Во неа се вели дека ЕУ не е комплетна без земјите на Западен Балкан и дека тоа ќе биде прироритетот на нејзината надворешна политика“.
Чија е оваа информација за оние кои не знаат? Ова е официјалната порака на „фамилијата“ од партии во Европа со идеолошки предзнак „десноцентристички“. Што значи дека ова е фамилијата на Мицкоски во Европа.
Истата оваа „фамилија од партии“ ни вели: „Ние во ЕПП силно го поддржуваме отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ со Република Северна Македонија, вклучително и помирувањето со нејзиното минато, врз основа на критериумите и вредностите на ЕУ. Цврсто веруваме дека добрососедските односи се клучни за решавање на нерешените прашања“.
Што беше ставот на Мицкоски по овие прашања? Барем до овој момент ништо. Молчи Мицкоски, или ако збороува, обично ништо не кажува. А зошто е тоа така? Затоа што тоа не е опозиција. И тоа нема став. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е „власт на чекање“ која нестрпливо демне Димитар Ковачевски, СДСМ и ДУИ сами од себе да се рушат, па тие да бидат логични наследници на оваа земја. А во меѓувреме, само ќе напаѓаат, блокираат и ќе го напаѓаат Ковачевски, попатно ќе немаат став за ништо и за никој само како не би се замериле со оној што во иднина би ја очекувале неговата поддршка. Се разбира, пропагандата која ја форсираат на телевизорите ќе си продолжи. Добро, звучи одвратно, ама ова е денес нивната „идејна“ состојба.
Од друга страна, синоќа на „Клик плус“ ги слушнав Илија Димовски и Гордан Георгиев. Со двајцата не се согласив на милион основи за прашањата кои се обидоа да ги одговорат во емисијата, така тапи објаснувања, без адреса, просто ми беше неверојатно. Единствено за кое се сложив со двајцата е следната констатација: „во Македонија има најниско расположение за Европа од кога било порано“. Ајде, ѓутуруми, да видиме зошто е тоа така.
Луѓето кои не се за Европа во Македонија, се луѓе кои го поддржуваат режимот во Кремљ. Тоа се луѓе кои ја поддржуваат бруталната агресија и злосторство над Украина, конфабулирајќи го тоа во некое „истриско братство“. Не е воопшто тешко да се објаснат причините на овој став на нашите граѓани.
Путин, не заборавајте, со агресијата над Украина ја најави со зборовите: „Украина е историска грешка, лажна држава која не смее да постои“. Пред оваа изјава, би морале да го знаеме и тоа што Бугарите велеа за нас: Македонија не е вистинска, таа е титова измислица. Потоа, малку погоре северно од нас, се велеше дека Босна е измислена држава, па се велеше дека Косово е измислена држава, па се велеше дека Црна Гора е лажна држава итн. Тоа, не беа мои зборови, тоа беа зборови на „кагебеовско-удбашките“ инсталации во сите овие земји, вклучувајќи ја и нашата Македонија. И молим лепо!
Значи, тие антиевропски луѓе не се за европеизација на Балканот, тие се путинизација на Балканот. Сега нашите пивски филозофи ќе речат: добро, Јовановиќу, која е улогата на геополитиката на Балканот, дури приметувам дека ќе речат, „овде нема само руски интереси, на Балканот има и Западни, амерички интереси“. Предвидливо до болка.
Добра забелешка, само што не заборавајте, Западот не е тој што не сака Балканот да се интегрира во Европа, и Западот не е тој што сака ние овде да се мразиме, повторно да се убиваме едни со други (скраја било!), Западот сака да влеземе во Европска Унија, да пристапиме на тој цивилизациски свет од народи, а Русија сака сè спротивно од ова кое го набројав.
Русија на Владимир Путин поточно, и тоа не Русија на Владимир Путин од 2000 година, кога сакаше својата земја дури и да ја интегрира во НАТО, туку ова е Русија на овој денешен Владимир Путин. Неговата цел на Балканот è, реков еднаш а ќе речам уште еднаш: конфликти, заладени односи, статус-кво ситуации… И само се чека некоја „поволна“ ситуација за некоја несреќа на Балканот.
Лесно е, пријатели, да се излегува на телевизорот, да се општи и да не се кажува ништо. Само да се констатираaт општи места и да се креваат раменичиња. Во кревање на раменичиња, во зборување без јасна адреса од каде доаѓа сето зло, не може во Европа. Не може никаде, а за Европа најмалку.