Илјадници луѓе се собраа да го гледаат изгрејсонцето на древниот Стоунхенџ во Британија на денот на летната долгодневница, пишува „BBC News“.
Ова е првпат од почетокот на пандемијата на корона вирусот, овие кружни џиновски камени блокови во Солсбери и Авебери да бидат отворени за посетители. Друидите и Паганите им се придружија за да го одбележат најдолгиот ден во годината.
„Фантастично е што можеме повторно да им посакаме добредојде на сите“, изјави Хедер Себаир од Институтот за заштита на спомениците во Англија.
Тим пристигна од Лондон со ќерката Тамеја и синот Сем.
„Прекрасно е, тоа е многу добро искуство. Целата енергија на овој простор е добра. Дојдовме овде пред четири или пет години“, вели Тим.
Тамеја вели дека нашла точка во центарот на Стоунхенџ за да набљудува како се раѓа Сонцето и дека од таму може да слика.
„Одлично е што се вратив“, рече таа. „Интересно е што многу луѓе се грижат да дојдат, многу луѓе мислат дека е важно да се дојде овде, тоа е убаво“, додаде таа.
Дејвид и Кејт пристигнаа во Велика Британија во понеделникот од Канада за да го посетат Стоунхенџ за прв пат.
„Беа луди 24 часа и денес ми е роденден. Денес имам 21 година и тоа е причината зошто дојдовме“, вели Кејт.
„Видов видео за фестивалот во средно училиште и помислив дека би било навистина кул да одам да го гледам сонцето за роденден“, додаде таа. „Енергија, атмосфера… знаевме дека ќе биде спектакуларно, но кога ќе дојдеш е сосема поинаку.
Во долгиот летен ден, сонцето се појавува во античкиот влез во камениот круг, а сончевите зраци го пробиваат центарот на споменикот.
Се собрале во текот на ноќта и пред зори почнала песната и орото.
подготви: М. М.