Пишува: КОСТАДИН ШУРБАНОВСКИ
Со носталгија се сеќавам на времето кога пар наши бендови сакаа да ме тепаат поради напишаното во весник или кажаното на радио околу нивната музика. Иако тогаш тие инциденти ич не ми беа пријатни, сепак, од сегашна перспектива, тоа бре било супер симпатично искуство, златни времиња! Зошто?
Прво, еј, се пишувало за музика, некому му било битно што ќе напишеш/кажеш во медиум, имало некакво значење, влијание, не само за публиката туку и за самите автори. Денес, со мнооооогу ретки исклучоци, воопшто не се ни пишуваат музички рецензии, медиумите едноставно ги исклучија од својот репертоар (слично е и во филмската, театарската, литературната, ликовната сфера).
Второ, и побитно за муабетов, музичките новинари кај нас, на времето, пишуваа и негативни рецензии за концертите/албумите на домашните изведувачи. Тоа било нормално, природно, не за џабе се вика музичка/рок критика, не? А во последниве 15-20 години, ако воопшто се појави некаков обид за рецензија на домашен музички производ, таа е исклучиво позитивна. Сите се „прекрасни“, „фантастични“, „одлични“, „супер“, „квалитетни“, „свежи“, „инспиративни“… и таа долги години негувана некритичност и необјективност, мотивирана од некаков патриотизам ли е што ли е, се разбира, не е добра, најмалку им прави услуга на музичарите, бидејќи не е нормално сите да се „најдобри“, без никаков обид за релевантна анализа и вреднување на нивниот труд.
Муабетот ми е: не ни се само средношколците со сите петки, ние сме „скроз одлични“ и на многу други полиња.