Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата на која се расправаше по Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022 година. Седницата ќе продолжи утре во 11 часот.
Во собраниската сала вечерва, атмосферата беше тензична и на работ на посериозен инцидент.
Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица бараа отфрлање на овој предлог а со вувузели и свирчиња ги попречуваа говорите на пратениците од владејачката коалиција.
Пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, на неколку пати предизвика посериозни инциденти.
Апасиев реагираќи процедурално од собраниската говорница, со заканувачки гестикулации со прст кон Талат Џафери му порача на претседателот на Собранието дека не е дома кај него, па да го бара со прст.
„Значи прв и последен пат да ти биде да ми мавташ со прст, еве јас што ти кажувам!“, му се закани Апасиев на Џафери.
Претходно Апасиев дојде во кофликт со пратеникот од СДСМ Мартин Костовски, која лесно можеше да ескалира во физичка пресметка. Реакцијата на другите пратеници спречи поголем инцидент.
Според списокот на пријавени пратеници, останати се уште тројца кои имаат право на збор, по што Собранието ќе треба да одлучува по Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ.
Ј. Ѓорѓиоски