Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во објава на Фејсбук, ги истакнува придобивките од денешното потпишување на билатералниот протоколот во Софија, со неговата бугарска колешка Генчевска.
„Денес во Софија, втор состанок на Заедничката меѓувладина комисија на Северна Македонија и Бугарија.
Ги нотиравме сите активности и проекти кои произлегоа од работните групи, активностите поврзани со Коридорот 8, соработката во туризмот, културата итн.
Го потпишавме Протоколот, кој претставува записник од состанокот на Комисијата кој ќе ни овозможи засилен ангажман во унапредување на билатералните односи.
Добивме цврста поддршка за нашите европски интеграции, која ќе се реализира утре и задутре во Брисел, преку одржување на Првата Меѓувладина конференција, почеток на скрининг процесот и старт на преговорите“, истакна Османи.
Во Софија денеска министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска го потпишаа билатералниот протокол по состанокот на заедничката меѓувладина комисија. Според најавите, протоколот треба да биде објавен по неговото потпишување.
Покрај министерот Османи, во состав на македонската делегација се вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за економија Крешник Бектеши, како и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Ј. Ѓорѓиоски