По 17 години кандидатски статус Република Северна Македонија денеска на 19 јули 2022 година во Брисел ги започнува преговорите за полноправно членство во Европската Унија, истакнуваат од Владата.
Започнувањето на преговорите ќе биде означено со одржување на првата меѓувладина конференција закажана за во 9:30 часот во Советот на Европската Унија, на која како предводник на македонската делегација ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски.
Во рамките на историската посета на Брисел за денеска попладне е најавено и започнувањето на скринингот за Република Северна Македонија и работен ручек на премиерот Димитар Ковачевски со еврокомесарот за проширување и добрососедски политики Оливер Вархеји, на кој ќе присуствуваат и двете делегации.
Како дел од официјалната владина делегација во Брисел отпатуваа првиот вицепремиер Артан Груби, заменикот на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, како и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити и други високи претставници на Владата кои се придружувани од амбасадорката Агнеза Руси Поповска, шеф на Мисијата при ЕУ.
Одржувањето на Меѓувладина конференција следи откако синоќа земјите членки на ЕУ се согласија да ги отворат пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија и решија официјално да ги поканат двете земји денеска да ги започнат меѓувладини конференции.
Ваквата одлука синоќа на Твитер ја потврди чешкиот премиер Петр Фиала, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, кој во објавата посочи дека Советот на Европската унија одлучи да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.
– Правиме важен чекор напред во приближувањето на Западен Балкан кон Европската унија. Ова е голем успех за нашето претседателство, наведе Фиала на Твитер.
The @EUCouncil led by @EU2022_CZ has just agreed to open accession talks with Albania and North Macedonia!
We have taken another important step towards bringing the Western Balkans closer to the EU. It’s a great success of our Presidency.
— Petr Fiala (@P_Fiala) July 18, 2022
Директорката во Европската служба за надворешни работи, чешката амбасадорка Едита Хрда пак оцени дека ваквата одлука претставува „навистина историски момент“.
Како што оценува ЕУ во воведната изјава за пристапните преговори, одлуката за нивно отворање не само што претставува важен чекор во односите на Северна Македонија со Унијата, туку е и јасен показател за недвосмислената поддршка на блокот за европската перспектива на Западниот Балкан.
– Вашата земја е дел од европската историја, наследство и култура и очекуваме уште повеќе да ги интензивираме нашите веќе добро воспоставени врски. Отворањето на пристапните преговори дополнително покажува дека, кога се исполнети условите, ЕУ ги исполнува своите обврски. Ја поздравуваме одлучноста на Северна Македонија да напредува во однос на реформската агенда на ЕУ и очекуваме континуирана политичка посветеност за темелно и интензивно спроведување на неопходните реформи, се додава во изјавата.