На својот прв турнир од М25 категорија Калин Ивановски оствари две значајни победи против двајца домашни натпреварувачи, Шпанците Микел Мартинез (6-4 ; 6-2) и седмиот носител на турнирот, Џон Ечеверија.
Иако Калин Ивановски сè уште може да настапува на јуниорски турнири, тој пред два месеца реши да ја започне својата кариера во сениорска конкуренција. Доволни му беа само три турнири, еден во Котингбрун (Австрија) и два турнира во Монастир (Тунис), за нашиот најперспективен тенисер да направи неверојатен пробив на АТП листата и да го подобри својот пласман за повеќе од 900 места (од 1.665 на 758 место).
Поттикнат од добрите резултати и особено од освојувањето на титулата на еден од двата турнира во Монастир, Тунис, Ивановски одлучи првпат во својата кариера да настапи на турнир од посилната М25 категорија. По двете победи на стартот, денеска Калин Ивановски ќе настапи против првиот носител, силниот Американец Николас Морено де Алборан којшто важи за најголем фаворит за освојување на титулата. Без оглед на исходот од овој меч, Калин Ивановски со пласманот во четвртфиналето во Мадрид веќе обезбеди нов пробив на светската ранг листа.
Мечот меѓу нашиот Калин Ивановски и Американецот Николас Морено де Алборан е закажан за денеска во 13 часот.
А. Лукароски