Жестоки реакции во светот после објавата на Путин дека во Русија ќе има делумна мобилизација со цел да зголеми бројот на војници во агресијата во Украина.
Холандскиот премиер Марк Руте ја коментираше одлуката на Владимир Путин за делумна мобилизација.
Руте за холандската телевизија НОС рече рускиот претседател е во паника.
Мобилизација, повикување на референдуми во Доњецк, сето тоа е знак на паника. Неговата реторика за нуклеарното оружје е нешто што сме го слушнале многу пати досега и нè остава ладни. Сето тоа е дел од реториката што ја знаеме. Би ве советувал да останете мирни, порача тој.
Чешкиот премиер Петр Фиала рече дека делумната мобилизација што ја објави Москва е „обид за понатамошна ескалација на руската војна против Украина“.
Според него, тоа е „уште еден доказ дека Русија е единствениот агресор“.
На Украина треба да ѝ се помогне и во наш интерес мора да продолжиме да го правиме тоа, напиша Фиала на Твитер.
И Папата Франциск го осуди „дивјаштвото“ во Украина.
Тој утринава изјави дека Украина е „маченик“, откако Владимир Путин потврди дека денеска ќе бидат мобилизирани руските резерви.
Папата не ги именуваше Путин или Русија, но го осуди „дивјаштвото, монструозноста и тортурата“ што се случуваат во Украина.
Британскиот министер за одбрана Бен Валас, кој смета дека изјавите на Владимир Путин утринава се признание дека неговиот план во Украина пропаѓа. Никакви закани и пропаганда не можат да го скријат фактот дека Украина победува, изјави Валас
Тој и неговиот министер за одбрана испратија во смрт десетици илјади нивни лошо опремени и лошо водени граѓани. Ниту една пропаганда не може да го скрие фактот дека Украина победува во оваа војна, дека меѓународната заедница е обединета, додаде Валас.
„Тоа е сериозна закана, но закана што е веќе упатена“, изјави Киган за Би-Би-Си.
Таа вели дека коментарите на Путин треба да се сфатат сериозно и повика на смиреност пред неговата закана за употреба на нуклеарно оружје.
„Некои од зборовите на крајот беа доста вознемирувачки. Тоа е нешто што треба да го сфатиме многу сериозно бидејќи, знаете, ние не контролираме. Не сум сигурна дека ниту тој има контрола. Мислам, ова е јасно ескалација“, додаде таа.
Според неа, во целото обраќање на Путин, како што рече, „можеа да се слушнат нови лаги“. „Тоа беше повторно пишување на историјата“, рече Киган.
Германскиот министер за економија Роберт Хабек ја осуди најавата на рускиот претседател Владимир Путин за делумна мобилизација.
Овој потег е лош и погрешен, нагласи Хабек.
Сајмон Мајал, поранешниот британски заменик началник на Генералштабот на одбраната, за „Скај њуз“ изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е „многу заглавен поради сопствените погрешни проценки“.
Путин го прокоцка целиот углед на Русија, додаде Мајал.
Путин денеска објави делумна мобилизација во земјата со цел да се зголеми бројот на војници во војната во Украина.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека делумната мобилизација се однесува на лица со воено искуство и рече дека ќе бидат повикани 300.000 резервисти.
Ј. Ѓ.