„Нашата задача не е да избегнуваме некој, туку да ги најдеме најдобрите можности за обезбедување на потребните енергенси по најповолни цени. Тоа е во интерес на граѓаните бидејќи буџетот на граѓаните се полни токму од нив и компаниите. Во однос на количини, ТЕ-ТО – троши околу 1 милион нормални метри кубни на ден. За работа на 30 дена – 30 милиони нормални метри кубни на гас. До крајот на грејната сезона топланите во Скопје мислам дека треба да потрошат околу 25 милиони заклучно со април. ЕСМ енергетика мислам дека приближно околу 24 милиони и Скопје Север околу 1 милион. Вкупната бројка е околу 230 милиони нормални кубни метри на природен гас“, истакна Виктор Андонов, соработник за енергетика во Канцеларијата на премиерот Ковачевски, на денешната прес-конференција во Валдата на која учествуваа и портпаролите Арсовски и Хоџа.
Андонов нагласи дека ТЕ-ТО и во текот на претходната зима работеше 24 часа односно во базен режим и се водат разговори за функционирањето на ТЕ ТО. Впрочем тоа е и единствениот начин како граѓаните на Скопје имаат топлина во текот на зимата, рече тој.
„Северна Македонија има единствена точка на приклучок преку Бугарија. Нема други количини на природен гас што може да стигнат освен за жителите на Струмица кои добиваат компримиран гас. Нашата интенција е да добиваме гас преку постојната врска со Бугарија“, рече Андонов.
Пред десетина дена, потсети Андонов, претседателот на Србија објави дека се разговара за испорака на природен гас во РСМ во замена за електрична енергија. Од ТЕ-ТО. Така што дел од произведената електрична енергија ќе биде вратена назад во Србија. За точните количини, проценти ќе бидете информирани во моментот кога ќе се постигнат финалните договори, прецизира Андонов.
„Во однос на разговорите со Србија постои голем оптимизам дека и двете страни ќе се завршат разговорите и дека ќе функционира договорот и дека ќе се обезбедат потребните количини за работа на ТЕ-ТО и работа на топланите. Тоа е едниот аспект. Вториот аспект е тие електрани имаат резервно гориво тоа е мазут, можат да работат и на мазут. Така што доколку не се договори опцијата за гас, доголку не се договарат доволно средства за набавка на природен гас по берзански цени постои резервна варијанта, тоа е работа на мазут“, рече Андонов.
Владата во изминатиот период спроведе три постапки за одбирање на вршител на дејностите регулирано производство за топлина, дистрибуција на топлина и снабдување со топлина, потенцира Андонов.
Тој вели дека две постапки се завршени, а за третата верува дека до крајот на неделата ќе се презентира решението за регулирано производство на топлина се со цел да се фати моментот на обезбедување на топлина за граѓаните.
„Има решение и ако не се договориме, во рамките на Законот за управување со кризи. Согласно тој закон Владата има право да ги стави во располагање сите ресурси во државата вклучувајќи ги на ЈП и на приватните компании, со цел обезбедување на јавната услуга“, вели Андонов.
Ј. Ѓ.